По многуте најави, конечно минатата недела започна изградбата на новиот блок 7 во термоцентралата на јаглен Тузла во Босна и Херцеговина. Рокот за завршување на подготвителните работи е 12 месеци, а опфаќаат подготовка на околу 270 хектари површина, дислокација на постоечките водоводни и електрични инсталации и сл.
„Новиот блок на термоцентралата ќе ги исполнува најстрогите критериуми во поглед на емисиите на штетни гасови пропишани со ЕУ директивите“, уверуваат надлежните. Сепак, локалните жители не се убедени во тоа. Тие велат дека досегашното работење на оваа термоцентрала им донела само болести – карцином и инфекции на дишните патишта. Блокот 7 ќе ги замени постоечките блокови бр. 3,4 и 5 кои треба да бидат затворени во 2023 година и чија вкупна моќност е 500 MW. Инсталираната моќност на новиот блок ќе биде 450 MW, но поради повисоката ефикасност и доверливост ќе произведува 10% повеќе енергија отколку старите блокови.
Вкупната вредност на инвестицијата е 722 милиони евра. Учеството на Elektroprivreda BiH е 15%, а остатокот е кредит од Ексим банка. Блокот треба да биде завршен на крајот од 2024 година. Се смета дека ова е најголемата повоена инвестиција во БиХ. Последниот изграден термоенергетски капацитет во земјата бил блокот 7 во термоцентралата во Какањ, пред 31 година.