Сериозниот пожар кој беснееше во Скијачкиот центар Маврово е изгаснат.
Во текот на вчерашната ноќ, по целодневните обиди од вработените на Скијачкиот центар и Националниот Парк да го изгаснат пожарот кој беше во близина на двосед жичарата, вработените од скијачкиот центар решија да го стават во употреба тукушто монтираниот систем за вештачки снег на двосед патеката. Благодарение на водата од системот, пожарот беше изгаснат доцна во ноќта.
Во меѓувреме Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство упатуваат АПЕЛ до граѓаните на Република Северна Македонија, одговорно да се однесуваат на отворено, со цел да се даде максимален национален придонес кон намалување на заканите од пожари кои во периодот беснееат на целата територија на државата. Посебно апелираат земјоделците да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, а граѓните да се воздржат од какво било палење на оган на отворено. Според податоците од ЈП Национални шуми, годинава е опожарена вкупна површина од над 14 000 хектари.