Македонија го изработи Третиот национален план за климатски промени со што стана првата земја во регионот што има изработено трет ваков документ. Во него се содржани препораки и мерки за адаптација кон климатските промени и обезбедување на зелен развој на локално, државно и регионално ниво.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, оцени дека документот претставува чекор напред во зголемувањето на клучните сознанија за подготвеноста на државата да се справи со предизвиците од климатските промени.
– Квалитетот на самиот документ е на многу високо ниво и ги покрива сите аспекти поврзани со климатските промени кои се специфични за Македонија. Тематските извештаи се резултат на сеопфатни анализи кои ги правеа релевантни научни и стручни институции како што се Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали на МАНУ и УХРМ, релевантни експерти помогнати од стручни лица од министерствата. А изработката на документот за сите поглавја беше следена и финално одобрена од Националниот комитет за климатски промени, – посочи Темелковски.
Третиот национален план за климатски промени е усвоен од страна на Владата на 27 јануари годинава. Македонија го усвои Првиот национален план во 2003 година, а Вториот веќе во 2008 година.