Стара слика пронајдена во кујната на една постара Французинка, а за која таа мислела дека не е многу значајна, продадена е на аукција за 24 милиони евра. Се испоставило дека станува збор за дело на италијанскиот сликар од 13. век Чимабуе, а како што наведе аукциската куќа, продадена е на анонимен купувач од местото Шантиј, јавува АП.
„Сликата е единствена, одлична и монументална. Чимабуе бил татко на ренесансата. Но оваа продажба ги надминува сите наши соништа“, се наведува во соопштението на аукциската куќа. Сликата во јуни ја открил аукционер, додека бил во посета на постарата жена во местото Компењ, на север на Франција и ја советувал да ја однесе на проценка кај експерти.
Сликата „Исмевање на Христ”, со димензија 24 на20 сантиметри, стоела на ѕидот меѓу кујната и трпезаријата, а како што соопштила аукциската куќа, најголем дел од парите ќе ги добие сопственичката.
Очекуваната цена била четири до шест милиони евра, а се наведува и дека ова е прв пат некоја слика на Чимабуе да се најде на аукција. Уметничките експерти проценуваат дека Чимабуе сликата ја насликал во 1280. година.
Чимабуе, кој го подучувал Ѓото, важи за предходник на италијанската ренесанса и еден од најценетите фирентински сликари.