КОЕГЗИСТЕНЦИЈА
Според авторите Слободан Велевски и Марија Мано Велевска, публикацијата
Разговори+Предавања претставува обединување на различни ставови и специфични
делувања, кои меѓусебно не се негираат туку симултано коегзистираат и воспоставуваат
кохерентна претстава за новите начини на истражувања во архитектонската пракса.
Во текот на 2009 година,
по повод 60-годишнината
од своето постоење,
Архитектонскиот факултет
при Универзитетот „Св.Кирил и
Методиј“ во Скопје, организираше
серија гостувања – предавања од
еминентни архитекти, професори,
предавачи од познати архитектонски
институти и симпозиуми ширум
светот (Велика Британија, САД,
Холандија, Турција, Русија,
Австрија).
Присуството на овие
актуелни меѓународни протагонисти
на архитектонската „идеологија“
и едукација (Елија Зенгелис, Тим
Стонор, Дитмар Штајнер, Хан
Тумертекин, Карло Рати, Александар
Бродски и Нил Лич) во нашата
академска и професионална
архитектонска средина, отвори
можност да се направат серија од
разговори-интервјуа со секој од
нив. Материјалот што произлезе
од тие разговори претставува
репрезентативен примерок на
збирка од истражувања, ставови,
дизајнерски проекти на овие
претставници на новите начини
на толкувања во архитектурата.
Најважно од сè, сите се едукатори.
Сето тоа е обработено на два
јазика, македонски и англиски,
и објавено во публикацијата
РАЗГОВОРИ+ПРЕДАВАЊА,
авторски труд на м-р Марија Мано
Велевска и м-р Слободан Велевски,
асистенти на Архитектонскиот
факултет, каде што се одржа и
промоцијата во која учествуваа
сегашниот и поранешниот декан,
проф. д-р Тихомир Стојков и
проф. д-р Влатко Т. Коробар.
Книгата РАЗГОВОРИ содржи
повеќе од 200 страници текст,
додека збирката ПРЕДАВАЊА на
седум дивидија опфаќа повеќе
од 9 часа снимен материјал
од предавањата на гостите.
Искуството одново да се проследат
предавањата и да се прочитаат
изнесените ставови ќе биде
од исклучително значење за
натамошната академска наобразба
на секој архитект и студент по
архитектура, како и на пошироката
публика заинтересирана и вклучена
во културата на урбано живеење.
Седумте предавања носат своја
авторска тематика: The immeuble
cite, Елија Зенгелис; Spatial
masterplaning: an evidence based
approach, Тим Стонор; Architecture
reset: reset architecture, Дитмар Штајнер; Redefining, Хан Тумертекин;
Living architecture: explorations
into the future of architecture,
Карло Рати; Untitled, Александар
Бродски; Swarm urbanism: new digital
techniques for architecture, Нил Лич.
За авторите на ова издание,
истражувачкиот порив е доволна
мотивација да го отпочнат
бележењето на мисловно-
провокативните дискусии, кои ги
изведоа во текот на гостувањето
на предавачите во Македонија.
„Возбудата да се разговара
со големина како што е Елија
Зенгелис. Зарем тоа не е доволна
мотивација? “, вели Марија
Мано Велевска во разговорот
за „Порта3“: „Да споделите
ставови, да прашате, да можете
да разјасните, но и да кажете што
мислите за одредени теми… “
Од друга страна, оваа свежа
иницијатива е одговор на потребата
од сублимирање на знаења и
искуства за архитектурата. „Ако се
земе продукцијата што континуирано
ја произведува Архитетонскиот
факултет, работата со студентите,
различни работилници и дипломски
работи – се е тоа богатство само
за себе.
Зборуваме за неверојатно
напластување на знаења и искуства“,
продолжува Слободан Велевски.
„А колку од тоа се запишува,
колку се става во рамка, во пакет
кој ќе послужи на генерациите
што доаѓаат или барем ќе биде
сведоштво за генерациите што
заминале – ништо или толку
малку што секако не е доволно
да бидеме задоволни. Нашата
иницијатива со публикацијата на
ова издание, токму директно се
спротивставува на заборавот или
барем на таквата тенденција.“
Наместо статичен збир од факти,
ликови и изјави, разговорите
се грижливо дизајнирани да нè
запознаат со работата и ставовите
на соговорникот, на начин кој е
соодветен и особен, но како целина
ни овозможуваат лично согледување
на седум значајни кариери на
дваесетиот век, кои продолжуваат
да го обликуваат дваесет и првиот.
Ова издание, покрај осмислено
структуираните интервјуа, е и
визуелен есеј. Според Слободан
Велевски, авторите го користеле
директниот разговор како формата
бидејќи „мислата е најмалку
двосмислена, а со тоа и најлесно
се пренесува до читателот.“
Предавањата не се поврзани
со конкретна тематика, но низ
теми кои ја откриваат природата
на пристапите на предавачите,
авторите соочија мултивалентни,
но и гледишта кои се допираат.
Оттука произлегува јасноста на
структурата на целиот концепт на
водење на разговорите. Според
Марија Мано Велевска, „намерата
беше тие да се постават еден до
друг и еден наспроти друг, да
се соочат меѓусебе, развивајќи
притоа своевидна дискусија.
Тоа го направивме со изборот
на темите на кои разговаравме
со нив: за градот како феномен
на архитектурата, културата…
општеството и политиката, за
професијата на архитектите
гледана низ посебните искуства и
творештва на гостите-предавачи,
и секако, за позицијата на нашата
професија гледана низ теоријата
и архитектонското образование“.
Исто така, таа смета дека
„придобивка на денешното време е
да имаме поединечни и специфични
верувања и делувања истовремено,
гледишта кои нужно не се
негираат туку напротив, симултано
коегзистираат. Квалитетот на
публикуваниот материјал го
гледаме токму во обединувањето
на таквите преклопи на различни
ставови, воспоставувајќи
кохерентна претстава за
мислата и актуелностите во
светот што сите го делиме“.
Во време на рапидна технолошка
промена и сеприсутна глобална
интелигенција, кога се објавуваат
голем број нови книги и списанија,
ова издание има цел да оствари
поинаков пристап на бележење
на знаењата. Читателите ќе можат
да се осврнат на едукацијата и
критицизмот преку нов приказ
на архитектонската мисла.
„Оваа книга треба да информира,
едуцира и активира“, вели
Слободан Велевски. Освен
обезбедување на попровокативна
едукативна средина за студентите,
потребно е запознавање на
пошироката публика со вакви
проекти за подобро разбирање на
архитектурата и нејзината иднина.
Во овој контекст, во нашиов
разговор, Велевски го наведува
ставот на Дитмар Штајнер, објавен
во книгата „Разговори“: Проблемот
е во тоа што во круговите на
професијата архитектите меѓусебе
одлично се разбираат, но за
надворешниот свет тие се најчесто
тешко или воопшто неразбирливи.
„Штајнер е апсолутно свесен
за точноста на својот став.
Дејствувајќи како едукатор преку
својот центар за архитектура во
Виена, всушност тој е со мисија
да го премости јазот помеѓу тоа
да се биде интелектуалец во
професијата и интелектуалец
во јавноста“, вели Велевски.
„Сметаме дека архитектите
треба да станат многу повеќе
она второто. Материјалот од ова
издание не се врзува за одредени
територијални и временски
рамки. Се надеваме дека тоа ќе
придонесе за подобро разбирање
и вреднување на урбаните
феномени и архитектонските
манифестации, како и за
подигнување на свеста за нивното
значење, и конечно, разбирање
и почитување на професиите“.
Во однос на позитивните критики
за изданието и за можностите за
нови интерактивни дискусии од
овој тип, Мано Велевска вели дека
„реакциите за неговиот квалитет
веќе пристигаат и се исклучително
позитивни, а тоа нè радува. Иако
може да звучи нескромно, сепак
ќе кажам дека сме свесни за
реперот што го поставивме со оваа
публикација. Нејзиното постоење
не обврзува да не застанеме
тука туку да го надминеме“.
На крајот на нашиот разговор
за „Порта3“, авторите ја изразија
својата благодарност до ректорот
на Универзитетот „Св. Кирил и
Методиј“, и на Архитектонскиот
факултет, односно на неговото
раководство претходно
предводено од проф. д-р Влатко
П. Коробар, а денес од проф.
д-р Тихомир Стојков, без кои,
сево ова не би било можно да
се организира и реализира.
Бојана Филиповиќ,
дипл.инж.арх.