Насловна / Вести / Во полза на корисникот на просторот на градот

Во полза на корисникот на просторот на градот

Поради актуелноста на темата и најавите од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов дека улицата „Димитрие Чуповски“ од крстосницата кај Собранието до Трговскиот центар „Палома Бјанка“ ќе биде пешачка зона, Порта 3 го реобјавува текстот од нашиот соработник која за оваа тема има пишувано уште во 2015 година.

Критичкото проценување претставува природен елемент во еволуцијата на секоја идеја преточена во конкретен концепт. Само на тој начин ќе биде овозможено воочување и разликување на битните и релевантните од небитните и ирелевантните појави и врски кои за него можат да имаат судбинско значење. И, одземјаќи му го призвукот на наметнатост, да го одредат како вреден и потребен. Кога за тоа ќе дојде време …

Реализацијата на пошироките концепти и професионалното инженерско задоволство имаат сличен геном. И иста „папочна врвца“ која нивната раздвоеност ја прави тешко замислива. Веројатно нешто повеќе кога се напоени со „о-рук“ градежен елан, „под капата“ на еден благодарен и динамичен урбанизам. Кој знае да негува особено нетрпение кон архивската прашина врз проектните корици. И чија визура, во скок преку потенцијаните ризици и последици, ги „лови“ претежно резултантните поволности. Во такви услови секој концепт добива подеднакви шанси за реализација, без потребното преиспитување и прилагодување. Без оглед на неговата објективна „созреаност“.
Исправена зад проектот за проширување на улицата. „Даме Груев“ во Скопје, идејата за трансформирање на мешовитата колско-пешачка матрица на Малиот Ринг во мал пешачки рај се чини ги поседува адутите за потполн успех: лонгитудинала, за исклучување на моторниот сообраќај (ул. „Димитрије Чуповски“, алијас ул. „Вељко Влаховиќ“) и рабен бај-пас (ул. „Даме Груев“) за прифат на токовите возила од популарниот потег Палома Бјанка – Плоштад „Пела“. Се чини ништо пологично од поставувањето знак за еднаквост помеѓу „срцето“ на еден град и пешачкиот сообраќај, кој треба да стане негов траен ексклузивец. Благородна урбана идеа со стратешки призвук, на која нема многу што да и` се додаде. Под услов теоријата и технологијата на нејзината имплементација во ниту еден момент да не се одалечат од „магистралната водилка“ на поширокиот контекст – минимизирање на моторниот сообраќај во тој сегмент од урбаното ткиво.

slika1
Фокусно проектно решение

Улицата „Даме Груев“, „тесното грло“ чија проточност беше спасувана со режимска еднонасочност, треба да ја усвои геометриско-функционалната форма на класичен булевар. Решение кое ќе ги приближи сообраќајните физиономии на надворешниот (оној на Големиот Ринг) и внатрешниот југоисточен лимес на градското јадро (оној на Малиот Ринг). И тоа не само во геометриска смисла. Класичен инфраструктурен потенцијал за набрекнување на обемот и ефектите на рецидивот на моторниот сообраќај. И за дополнителна „токсична терапија“ на содржините лоцирани долж оваа сообраќајница.

slika2
Едноставноста и чистотата на шаховските потези кријат комплексни бравури „потпрени“ на способноста за предвидување на противничките тактики. Со поделена резултантна неизвесност од која страдаат рејтингот и егото на само еден човек. Подложете го на слични униформни правила и моторниот сообраќај лесно ќе одманеврира по некоја топовска паралела или ловечка дијагонала, по некоја улична лонгитудинала или коридорски бај-пас. Само што зад последиците од неговото пренасочување нема да стојат церебралните импулси на единката. Тие ќе бидат производ на предиспозициите на системот да ги ублажи потенцијалните последици од таквото комуникациско рекомпонирање на централната градска зона. Последици кои произлегуваат од привлечноста на старо-новите содржински форми, децениските навики на движење и сувото шаховско дислоцирање на сообраќајните токови, во чии „гени“ е наталожен комфор на течението низ изворното „корито“ Палома Бјанка – Плоштад „Пела“.
Шаховското дислоцирање може да биде прифатливо тогаш кога сме сигурни дека ќе се задржи во лесно предвидливите паралели или дијагонали. Непредвидливата разиграност на коњите е оној фактор кој може да внесе забуна и донесе штета. И кој треба да се предвиди низ постапките на една сеопфатна анализа. И по потреба, да се „омекне“ со веќе создадените или предуслови кои паралелно, наменски ќе се обликуваат.
slika 3

Повеќе од пожелни предусловености

Како системски канализирана експресија на потребата просторот да се совлада, сообраќајот не е мртва материја. Тој има своја „меморија“ и свои „желби“ кои, по некогаш, се граничат со каприци. Опасно непријатни кога жонглираат и со традиција и со нови мотиви. На пример „стар“ трговски центар, со пригушена, но далеку од избришана гравитациска моќ и нови, ударни, туристичко-административни репери. И сите со регионален карактер и исти патеки на локален антрополошки прилив. Вклучувајќи ги и оние налиени со незадоволство, со вообичаен епицентар пред Собранието на Републиката. Вистински момент за трик-прашање: дали и Градскиот трговски центар, како дел од Малиот Ринг со специфични, а ограничени колско-пристапни алтернативи, ќе стане дел од таа пешачка зона и со кој тоа влезно-излезен шаблон!?

Да се вратиме чекор наназад …

Геометриската скромност на сообраќајниците околу фокусната зона која треба сообраќајно да се растовари дава можност за филтрирање на непотребниот моторен сообраќај по принципот на „обратна инка“. Во превод, колку поблиску до центарот, коридорите се се` потесни и пропуштаат се помалку возила. На пример улицата „Даме Груев“, чие течение поседува и резиденцијални и јавни и услужни аргументи за зајакнување на еколошки оправданите движења и нивните површини. Со придушен моторен сообраќај, врз база на воведената еднонасочност. Заокружена со обратната еднонасочност, на пример на ул. „Димитрие Чуповски“. Како разумен фазен чекор во функција на конечното освојување на пешачкиот рај. Бидејќи комбинираната еднонасочност редуцира докажано и со далеку поблаги последици. А нејзината постепеност ќе остави доволно простор за поголемо пешачко-содржинско навикнување на оваа автомобилска артерија.

Ајде уште еден чекор наназад ….

Отвореноста на таа зона за сите заинтересирани посетители го отвора и поглавјето за нивното пристигнување, со, што е единствено нормално, минимални реперкусии по самата зона и нејзините жители. Насока која бара редуцирање на токовите возила на фронтовите на двата Ринга и форсирање на јавниот, односно алтернативните видови превоз. На пример од периферните паркинг-локалитети каде посетителот може да го стационира возилото, а градските турканици да ги избегне со качување на автобус (Park&Ride). Кои не постојат… Или со закупување на велосипед од велосипедскиот терминус во склоп на Транспортниот центар. Кој не постои…. Или сепак со возило до работ на пешачкиот рај, до една од новоизградените катни гаражи. Чиј капацитет делумно е потрошен со деловен простор, делумно закупен, а делумно допрва чека закупување. На пример од жителите на центарот кои своите паркинзи доброволно би ги жртвувале заради општото добро.

Одиме нанапред ….

Пешачењето во природа „бега“ од излози. Она другото, во строгите градски центри, тешко вирее без нив. А и самите тие треба најпрвин да никнат. И да прераснат во конкуренција на пешачки неприкосновената улица „Македонија“. Идејата дека отстранувањето на возила е доволно за воспоставување на пешачки коридор во центарот на еден град нема основа. Колку што му е познато на авторот ниту во форма на преседан.
slika 4

За почеток …

Реализацијата е најслаткиот акорд во секој популистички тоналитет. Но, реализацијата сама по себе не е и никогаш не била доволна. Потребно е таа да се одработи на сосема определен начин кој со популизмот на самиот почеток може, но и не мора да дели иста „ужинка“. Во корист на оној финален, докажано здрав „оброк“. Токму ова е диоптријата која ги разликува реализираните од квалитетно реализираните проекти. Кои ќе бидат носители на реален бенефит наместо да претставуваат еквивалент на „мачка во вреќа“ со потенцијално негативни последици.
Овој текст не треба да се перцепира како спорење со идејата, туку со начинот на кој таа треба да се „дофати“. При што исклучивите пристапи и грубите интервенции треба да се изместат „на крајот на редот“. Тонажата од целулоза употребена за да се докаже и потврди деликатноста на просторот на скопските Рингови нека биде почетна резонска станица. Се што следи понатаму најмалку треба да е во корист на човекот-возач, човекот-пешак или човекот-велосипедист, туку на човекот-корисник на еден простор. Почнувајќи од жителот, па се до бадијалџијата кој само повремено ќе „скокне да се пролуфтира“.
Да ја сочуваме идеата припазувајќи ја како мало дете се додека, речиси физички, не го почувствуваме постоењето на магичниот дуализам потреба-услови. Во овој момент, се чини, го немаме во потребниот обем ниту од едното ниту од другото. За да се произнесеме, нели, во полза на оној корисник на просторот на овој град…

Испрати коментар

Scroll To Top