Климатските промени сè повеќе и сè поинтензивно го покажуваат своето грдо лице. Екстремно високите температури, рекордното топење на ледот на Гренланд, екстремните временски прилики како ураганите во Мексиканскиот Залив се директна последица на глобалното затоплување и енормната емисија на гасови со ефект на стаклена градина – стакленички гасови. За да биде катастрофата уште поизразена, придонесоа пожарите кои се појавија во Сибир и особено во Амазонија (белите дробови на планетата).
Врз основа на согледувањата од современите податоци, станува јасно дека релативно честите шумски пожари, кои речиси истовремено зафаќаат области во повеќе држави, не можат едноставно да се објаснат со намерни или ненамерни антропогени причини. Се покажува логично, причините да се бараат во климатските промени. „Зачестеноста, обемот, интензитетот, периодичноста и видот на пожарот зависи од времето и климата како и од составот на шумата. Почетокот на пожарот и неговото ширење зависат од количината и фреквенцијата на дождови, присуството на запаливи агенаси и услови (громови, достапност и дистрибуција на запалив материјал, топографија, температура, релативна влажност и брзина на ветерот).“
ФАКТОР КОЈ ГИ ВЛОШУВА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ
Шумските пожари се еден од најзначајните фактори кои ги влошуваат климатските промени, особено поради фактот дека шумата е природен апсорбент на емисијата на стакленичките гасови. Шумарството е единствениот сектор во кој се апсорбираат стакленичките гасови, со што помага да се ублажат негативните последици од климатските промени. Шумските пожари, не само што го намалуваат овој капацитет за ублажување преку намалување на површината на шумите, туку предизвикуваат и емисија на стакленички гасови.
Ова лето во Македонија шумските пожари беа честа појава, а последиците огромни и во однос на опожарена површина неповратно загубени шуми, но и во однос на понатамошно влошување на состојбата со климатските промени, особено со квалитетот на воздухот. Уште еднаш на виделина излегоа нашата неподготвеност да се одговори на предизвиците и да се реагира на соодветен начин, со што сигурно штетата би била далеку помала. Но, несвесни за значењето на природата и особено на шумите, веројатно и оваа година ќе имаме црн биланс во однос на емисиите на стакленички гасови во секторот шумарство, па наместо понор (апсорбент) на емисии шумарството кај нас повторно ќе биде емитер, т.е. генератор на стакленички гасови. И што е уште позагрижувачко, ваквата состојба нема да биде преседан, туку истата е забележана и во 2008 и во 2012 година, а причината е иста – шумските пожари. Во извадокот од Вториот двогодишен ажуриран извештај за климатските промени во Македонија (2017 година) видливо е дека овој сектор генерира емисии на стакленички гасови во споменатите години.
СЛАБА ПРАКСА ОД КРЕАТОРИТЕ НА ПОЛИТИКИ
Декларативно, на хартија креаторите на политики се залагаат за борба против климатските промени и за заштита на шумите, но во праксата тоа не се спроведува. Имено, не само што никогаш не се објавија прецизни и јасни показатели за успешноста на акциите за масовно пошумување познати како „Ден на дрвото“, туку и микролокациски гледано донесувачите на одлуки не се залагаат за поинтензивно и систематско садење дрвја, туку и постоечките безмилосно се сечат заради бизнис- интереси. Во урбаните средини, наместо паркови со дрвја што ефикасно би се справиле со поројни дождови и со аерозагадување, односно кои би вршеле повеќе функции истовремено, најчесто се прави само маска со тревни површини, кои вршат само една функција, го апсорбираат вишокот вода. Особено во Скопје, топлотните острови се голем проблем, но наместо да се засадат повеќе дрвја, за жал парите се трошат за садење трева, или дури за адреналински паркови.
Шумите во Република Македонија се простираат на површина од околу 988.835 хектари, на повеќе од една третина од територијата на државата. Тие се еден од најважните природни ресурси во земјата, и имаат еколошки, социо-културни и економски функции, а истовремено имаат клучна улога во одржувањето на јаглеродната рамнотежа, биолошката разновидност и ги ублажуваат промените во климата. Шумите се изложени на опасност од бројни уништувачки агенси. Најголемите и најсложените од овие закани се предизвиците предизвикани од климатските промени.
На национално ниво, како опасни за здравјето на шумите идентификувани се следните причини кои предизвикуваат ранливост од климатските промени:
• повисоките температури
• екстремните временски настани како што се поплави, бури и суши
• шумските пожари
• заболувањата и штетниците
• снабдувањето со дрва и апсорпцијата на јаглеродот
• промени во составот на видовите дрва во шумите
Зголемувањето на бројот на шумски пожари е една од најчесто согледаните последици од климатските промени. Во последните две децении Македонија имаше сериозни проблеми со шумските пожари. Во периодот 1999–2012 беа евидентирани околу 2.800 шумски пожари, во кои изгореле околу 130 илјади хектари шумско земјиште. Вкупните штети (директни и индиректни) се оценуваат на околу 67 милиони евра.
Иако сè уште не се направени оцени на појавата на шумските пожари во различни сценарија за климатските промени, многу е веројатно дека во следниот период шумските пожари ќе се јавуваат почесто. Ова е така поради предвидените промени во температурата на воздухот во комбинација со намалувањето на врнежите,особено во летните месеци, што ќе предизвика услови за појава на шумски пожари.
Во следниот период, промените во температурата и во режимот на врнежи исто така се очекува да предизвикаат и промени во составот на видовите дрвја во шумите. Сепак, според сценариото за климатските промени, до 2025 година таквите климатски промени ќе имаат помало влијание со што ќе има простор за полесна адаптација. Зголемувањето на температурата за 1,1 оC и намалувањата и промените во режимот на врнежи се очекува да влијаат врз годишниот раст и принос на шумите.
Акцискиот план во рамките на Третиот национален план за климатски промени (шумарството и климатските промени) од 2014 година, предвидува лоцирање на пет станици за мониторинг во шумските региони за постојано следење на климатските промени; набавка на соодветни возила и опрема за спречување и потиснување на шумските пожари (рано реагирање / прв напад), како и отворање на едукативен центар / центар за обука за одржливо користење на шумите. Каква е состојбата пет години подоцна, и колку од ова е реализирано, самите сме сведоци.
Зошто шумските пожари ги влошуваат ефектите на климатските промени? Првенствено поради фактот што горењето на дрвјата, останатата биомаса и почвата, генерира огромни количини на јаглерод и јаглеродни оксиди во атмосферата. Имено, јаглеродот влегува во екосистемот на шумите преку процесот на фотосинтеза кога се извлекува јаглерод диоксидот од атмосферата. Со текот на времето, тој јаглерод се интегрира со почвата преку корените на дрвјата и распаѓањето на мртвите стебла. Така се создаваат големи депозити на јаглерод. Кога ќе се појави пожар, овие резерви на јаглерод буквално се претвораат во чад и пепел.
Така, со шумските пожари, огромни количини на емисии на стакленички гасови и цврсти честички завршуваат во атмосферата и ја влошуваат состојбата со глобалното затоплување. На тој начин, врската помеѓу шумските пожари и климатските промени е исклучително силна, бидејќи истовремено климатските промени се и причина за појава на пожарите, но исто така и пожарите придонесуваат за сериозно влошување на состојбата со климатските промени.
СТАВОВИТЕ НА ЕКОАКТИВИСТИТЕ
Екоактивистот проф. д-р Благица Сековска, професор на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, која е и претседател на Управниот одбор на НВО „Go Green“ вели дека нашата негрижа и арогантниот однос кон природата, нè прави да се однесуваме како вирус на планетата Земја. „Вирусот ги исцрпува сите хранливи состојки на клетката и ја убива, притоа умирајќи и самиот. Планетата Земја постои 4,6 милијарди години. Ако тоа го срамниме со еден човечки век, таа би имала 46 години. Човештвото се појави пред 400.000 години, што е еднакво на четири часа во времето на планетава. Индустриската револуција почна пред 200 години (2 минути), и за тоа време ние ги пресековме половина од светските шуми, ги загадивме почвите, водите и воздухот. Резултатите од нашето деструктивно, а воедно и автодеструктивно однесување не запираат.Сведоци сме на постојани пожари кои се резултат како на климатските промени, така и на нашата негрижа.Процентот на CO2 во воздухот е дуплиран во однос на почетокот на 19 век. Просечните годишни температури се покачени за 1,5 степен годишно. Сето тоа доведува до климатско пореметување, ариднизација на климата, недостиг на вода, циклични појави на суши и поплави, ерозија на земјиштето, појава на нови болести (кај луѓето и кај животните) – нетипични за климатското подрачје, промена на вегетативниот период на растенијата, нови штетници и болести кај растенијата, појава на урагани и тајфуни на места кај кои порано не се јавувале, уништување на природниот биодиверзитет, топење на ледените капи на планетата, загадување со микропластика на океаните и морињата, како и ред други пореметувања за кои не сме ни свесни“, нагласува Сековска. Според неа, сите наши економски активности резултираат со помало или поголемо загадување. Профитот е ставен пред здравјето и благосостојбата на човекот и природата. Доколку не дојде до промена во свеста на луѓето, не знам уште колку време оваа планета ќе може да ја издржи нашата деструкција“, вели Сековска. Проблемот со климатските промени е светски проблем, Македонија е мала држава и во глобални рамки нашиот удел не е значаен, но ние може да направиме многу за нашата држава со селекција и рециклирање на отпад, забрана за употреба на пластика, промовирање и користење на одржливи извори на енергија, стимулирање на транспорт кој не загадува (велосипеди на пример), грижа за шумите и градското зеленило. Екологијата треба да биде значаен предмет не само во теорија, но и во пракса, треба да биде дел на образовниот систем уште од најмали нозе, со цел да се развие свесност за природата и нашата поврзаност со неа. Одговорноста кон природата мора да стане највисок императив. За жал имаме многу да работиме и да учиме, а многу малку време истото да го сфатиме, додава Сековска.
Елена Николовска, Менаџер за комуникации во Центарот за истражување на животната средина и информации „Еко-свест“ вели дека во пожарите трагична е загубата на цели живеалишта на скапоцен биодиверзитет и загадување на воздухот. Меѓутоа, шумските пожари дополнително придонесуваат за стакленички гасови во атмосферата, а тоа е нешто кое во моментов едноставно не можеме да си го дозволиме. “Поради историското натрупување на стакленички гасови во атмосферата предизвикано најмногу од согорување на фосилни горива, меѓутоа и од месната индустрија и несоодветна употреба на земјиштето, ние сега сме соочени со екстремни временски услови како подолги сушни периоди, поплави и бури со силни ветрови. И доколку ништо не промениме, работите ќе стануваат полоши, а животот на земјата потежок за опстанок на човекот“, вели Николовска. Според неа еден од најголемите проблеми со кои се соочува светот е уништување на шумите за употреба на земјиштето за потребите на месната индустрија и за масовен туризам. Уништување и пренамена на шумска површина со природна способност да складира CO2 (стакленички гас) и да произведува кислород во услови кога имате толкава количина стакленички гасови во атмосферата е погубно. Kако држава која има 30 отсто од својата површина под шума за жал не успеваме да ги заштитиме, нагласува Николовска. За ситуацијата во Македонија, Николовска вели дека досега воопшто не се зборуваше за климатските промени и беа маргинализирани дури и повеќе од сите проблеми во секторот животна средина. Интересот на медиумите и граѓаните за климатски промени порасна по страшните пожари на Сибир, Арктикот и Амазон. Граѓаните сакаат да се информираат, меѓутоа интересно е што постојано слушаме како нашата земја е мала и е најмалку виновна па и дека не може ништо да направи, а тоа едноставно не е вистина. Замислете што би се случило сите мали земји во светот да ги откажат своите заложби и напори за ублажување на климатските промени?
За да се подобри ситуацијата во Македонија, Николовска вели дека најпрво мора да бидеме искрени и реални- климатските промени не можеме да ги спречиме, можеме само да ги ублажиме и да се прилагодиме, а ние немаме доволно пари ни за едното ни за другото. Мора да донесеме стратегија за климатска акција која ќе биде системска и приоритетна и во поглед на распределба на буџет и во поглед на законската регулатива. И доследна имплементација на сите мерки без да се избираат само оние кои се најпопулистички. “Потребно е и континуирано информирање на граѓаните за начини како индивидуалните домаќинства и бизнисите можат да ги стават во функција на ублажување на климатските промени, ама и како да ги заштитат своите домови и себе си од екстремните временски услови“, додава таа.
Пожарите што го зафатија Велес беа со најуништувачка моќ. Изгореа 200 хектари 50- годишна стара борова шума, а пожарот бил распространет на 400 хектари. Најавите се дека и во овој дел како и во сите останати каде што имаше пожари ќе се врши пошумување. Пошумувањето ќе се врши веднаш штом ќе се создадат услови за тоа. Екологистите и познавачите на оваа област велат дека е добро на опожарените делови да се врши пошумување затоа што сè додека се сади е добро. Особено е важно да се сади онаму каде што имало дрва четинари затоа што тие сами не се обновуваат, додека кај листопадните дрва е подруго.
КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ВЛИЈААТ ВРЗ ШУМАРСТВОТО
Но, и климатските промени влијаат врз шумарството. Според климатското сценарио за нашата држава, и врз основа на претходните искуства, во периодот до 2025 година најранливи аспекти од управувањето со шумите се следните:
– Планирање на управувањето со шумите. Планирањето на активностите за управувањето со шумите за период од 10 години ќе биде многу тешко. Веројатно ќе бидат потребни интервенции во плановите за управување и во активностите.
– Употреба на шумите. Во дадениот период, во овој сектор главно ќе се спроведуваат активности кои се задолжителни во согласност со постоечките закони, но кои немаат значително економско оправдување (на пример управување по пожари, напади од штетници, процес на изумирање, оштетувања на инфраструктурата).
– Заштита на шумите. Трошоците за гаснење на шумските пожари, следење на здравствената состојба на шумите и другите активности за заштита на шумите се очекува да бидат високи.
– Лов и туризам. Поради климатските промени, може да се предвиди дека популациите од диви животни до 2025 ќе бидат под закана. Истовремено, овие нарушувања ќе предизвикаат намалување на рекреативната/туристичката вредност во шумите.
– Силвикултура (шумарство). Многу техники и практики за управување со шумите се долгорочни, кои опфаќаат период од 20 до 60 години. Таквите процеси треба да се модификуваат и хармонизираат со новите услови кои произлегуваат од климатските промени.
– Промените во употребата на земјиштето. Иако не се очекуваат трајни промени во употребата на земјиштето, се предвидува дека привремени промени ќе се јават како резултат на шумските пожари и чистата сеча, но тие ќе се елиминираат во првите три до пет години откако ќе се јават. Покрај ова, во многу планински подрачја забележана е тенденција за природно пошумување, особено на места каде има напуштени села и земјоделско земјиште кое сега е покриено со шуми.
Секторот шумарство во Република Северна Македонија се очекува да претрпи значителни влијанија од климатските промени, особено бореалните шуми, врз кои влијанијата можат да бидат навистина сериозни. За да се ублажат овие влијанија, и да се извлече максимална економска придобивка од шумарството, во Извештајот се предложува Акциски план кој содржи краткорочни и долгорочни мерки за адаптација. Во Третиот план за климатски промени се наведени неколку активности и тоа краткорочни мерки за изработка на комплетна програма за приспособување на шумарството кон климатските промени, лоцирање на пет станици за мониторинг во шумските региони за постојано следење на климатските промени, набавка на соодветни возила и опрема за спречување и потиснување на шумските пожари (рано реагирање / прв напад), отворање на едукативен центар / центар за обука за одржливо користење на шумите, складирање на биомаса.
Во долгорочните мерки предвидено е приспособување на плановите за управување во секторот шумарство со трендовите на климатските промени, воведување на технологии за ефикасно користење на биомасата во шумарството, промоција на можности за производство на зелена енергија,спроведување на пилот-проект за производство на обновлива енергија од биомаса.
Автор: Даниела МЛАДЕНОВСКА, Катерина СПАСОВСКА-ТРПКОВСКА
„Со овој текст, Порта3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“