Институтот за наука и технологија во Сколково, Москва ја доби наградата „Версај – светска награда за архитектура и дизајн за 2019 година“ (Prix Versailles The World Architecture and Design Award 2019).
Сколковскиот институт за наука и техологија е изграден по проект на познатото архитектонско биро „Herzog & de Meuron“ од Базел, Швајцарија, кое воедно се јавува и како авторски надзор на проектот. Комплексот го градеше српската компанија АО ПУТЕВИ Ужице од Република Србија, кој за оваа компанија претставува капитална градба и досега најголемиот градежен предизвик од областа на високоградбата.
За комплексот Сколково, „Порта 3“ пишуваше уште во февруари 2016 година, текст со наслов И Русија со своја „Силиконска долина“, чиј автор е архитект Предраг Кочовски, кој работи за српската компанија во Москва и е наш долгогодишен соработник.
Сколковскиот институт за наука и технологија претставува комплекс на објекти за високо образование со научно-истражувачки и административно-деловни простории. Поради тоа, објектот е повеќефункционален. Во објектот се предвидени следните функционални зони: влезни групи на простории; лаборатории; центри со општа намена; простории со учебно-образовна намена; продавници за храна и ресторани; медицински пункт; повеќенаменска сала; службени простории; технички и помошни простории.
Површината на комплексот е 64 илјади квадратни метри, сместен е во објекти на два и три ката со кружна основа и со пречник од 280 метри. Просторот на Институтот е распореден на правоаголни блокови кои се испресечени и меѓусебно поврзани со два внатрешни и еден надворешен круг. Правоаголните блокови и надворешниот прстен имаат карактеристични коси кровови кои визуелно ја соединуваат целата зграда.
Првиот впечаток за објектот Сколково го остава декоративната фасада од дрво која е поставена пред стаклено-алуминиумските функционални фасади. Гредите од полно дрво се поставени исправено по целата висина на фасадата со што се имитира вертикалноста на дрвјата во околната шума. Со избирање на природен материјал и намален дизајн на фасадите, постигнато е големата зграда всушност да изгледа прилично ненаметлива, иако од друга страна, со својата квалитетна завршница и впечатлива архитектура, појаснува која градба е најважна во Сколково.