Преголема беше радоста на студентите кога се изгради домот „Гоце Делчев“ во Тафталиџе. Добија услови за живот какви што немаа ниту дома, вели професорот Георги Константиновски, автор на проектот на најголемиот студентски дом во земјава.
– Во собите сè беше ново, направено со план и со многу чувство за естетика. Завесите, постелнината, фурнирот, сè беше внимателно одбрано и идеално вклопено. Студентите правеа сè за да останат подолго во домот. Во почетокот имаше директор кој водеше страшна грижа сè да функционира беспрекорно, од контролата до одржувањето. Подоцна, домот почна да пропаѓа, а денес е во очајна, многу тажна состојба – вели Константиновски.
Домот е изграден во 1969 година, според првонаградениот труд на Константиновски, на конкурсот што го распишал инвеститорот – скопскиот универзитет. Изградбата се одвивала брзо, „Маврово“ градел по четири ката на ден. Авторот вели дека партерните решенија во проектот не се докрај реализирани.
– Четирите објекти што го сочинуваат комплексот се така поставени, што во партерот во средината формираат атриум (внатрешен двор), во чиј центар требаше да се изгради мал отворен амфитеатар за културно-забавен живот на студентите. Партерот околу домот требаше да содржи отворени игралишта за тенис, кошарка и за одбојка, паркинг за 40 автомобили, патеки, клупи, водни површини, скулптури, цвеќиња и дрвја. Но, откако се изгради комплексот, парите секнаа и површината околу него никогаш не се уреди. Сега влезните врати се речиси руинирани, графитите на фасадата ги покриваат со бела боја, што е недозволиво, дилетантски се доградуваат спортски објекти и стреи – вели Константиновски.
Во проектирањето авторот внел многу нови елементи, а меѓу посмелите потези се и тесните, нестандардни ходници, широки по 110 сантиметри, за да се создаде интима меѓу станарите. Скалите се благи и не заморуваат.
Архитектонската концепција на домот е заснована на база на четири еднакви блока, што се наложи како императив за да се овозможи економичност во градењето и изградба во фази. Економичноста беше потребна поради тоа што парцелата предвидена за домот имаше мали димензии – 180 на 180 метри. Секој блок има висок и низок дел, а високите меѓусебно се поврзани со хоризонтални ходници на шестиот кат за да не мора студентите многу да кружат при преминување од еден во друг блок. Фасадата е направена од природен бетон и ги отсликува внатрешните содржини. Кога ја гледате, знаете што има внатре – вели Константиновски.
– Во домот има 544 двокреветни, 64 еднокреветни и 52 соби за студенти во брак. Вкупниот капацитет е 1.200 легла. Еднокреветните се соби за апсолвенти и се на најгорните катови, за да имаат мир при подготвувањето на завршните испити. Брачните соби се на приземјето, а интересно за нив е што многу парови во првите години од работата на домот добиле нови членови на семејството.
Студентскиот дом е награден со Борбина плакета – најпрестижната награда за архитектура во Југославија.
Во продолжение линк од разговор со професорот Георги Константиновски.
– http://www.radiomof.mk/mnogu-tajni-za-malite-sobi-kako-se-gradeshe-studentskiot-dom-gotse-delchev/ –