Тема: Игралиште од соништата на локација – плоштад Балет;
Ментори: Сара Симоска – архитект, Доротеј Нешовски – интердисциплинарен уметник;
Соработници: Ива Китевска, Фросина Ангелеска;
Локација: Детски Креативен Центар при МКЦ;
Возраст: 7 – 10 години;
Детска Работилница за Архитектура PLAYGROUND се одржа изминатата сабота, 28 септември во Детскиот Креативен Центар при МКЦ. Учество земаа 18 дечиња на возраст од 7-10 години. Децата имаа можност преку изработка на макети од различни материјали да го создадат нивното игралиште од соништата. Локацијата за ова игралиште беше пресликана од постоечки отворен, но запуштен простор во градот Скопје – плоштадот Балет.
Плоштад Балет е отворен и запуштен јавен простор кој го формираат објектите на Порта Буњаковец. Со својата положба, одделен од Бул.Партизански Одреди и внатрешните пристапни улици, има улога на еден мирен и отворен простор кој може многу да придонесе за јавната култура и социјализација. Денес овој простор е само темен паркинг простор.
Темата за оваа работилница по архитектура е инспирирана од размислувања на тема : Каков град од иднината сакаме?
Кои се вистинските потреби за игра на децата од денешницата?
Во каков град тие сакаат да си играат и преку игра да го користат јавниот простор?
Преку оваа работилница, се создава можност на децата да им се даде ново искуство на дружба и учење преку создавање простор.
Технологијата денес, како доминантна е она што ги опкружува и најмногу влијае врз нивниот развој, па тие се помалку ги користат рацете за игра и учење.
На претходно изработена макета од објекти кои го формираат плоштадот Балет, децата најпрво се запознаа со просторот и одбраа локација на која што требаше да изработат свое игралиште од соништата. Децата работеа во заеднички простор, во парови или индивидуално, каде што имаа достапно различни материјали со кои можеа да експериментираат: сликарски картони, стиропори, фолии во боја, глина, лепаци, пиштол за топење пластика, стапчиња во боја, пвц стапчиња, темперни бои, фломастери, ножички, пвц мрежа, глина, пластелин, колаж и сл. На крајот секое изработено игралиште го доби своето место на големата макета и заедно го истакнаа потенцијалот на запуштениот простор во градот.
Резулататите ги надминаа и очекувањата, ако пред децата застана макета која што ги покажуваше само објектите и просторот кој тие го формираат околу себе, тие со своите неограничени идеи покажаа како може да се реанимира тој запуштен простор и да се исполни со живот, а на тој начин да го достигне својот квалитет. Се појавија најразлични концепти како одговор на задачата: кино на отворено со места за гледање на кров, мостови за поврзување на различни нивои, кровни игралишта, спортски терени, базен и сл.
Работилницата заврши со презентација на сите идеи, самите деца иницираа на пријателство и испреплетоа црвена лента од конец која беше исечена во знак на свечено отворање на нивните идеи но и потенцијалот на запуштениот плоштад Балет.
Работилницата е поддржана од Министерство за Култура на Република Северна Македонија и е дел од програмата ИНТЕРАКТИВНИ РАЗГОВОРИ 2.