Изработката на детален урбанистички план ја одолжи постапката на општина Сарај за ревитализација на езерото Треска. Четири месеци откако Владата ѝ го додели комплексот на општината, формирано е јавно претпријатие кое го одржува езерото, а за натамошните активности се чека изработката на ДУП.
Од општината очекуваат до лето да го изработат планот, а до крајот на годинава да најдат партнер кој ќе му го врати некогашниот сјај на езерото. Засега интерес за комплексот покажале неколку странски инвеститори.
Општина Сарај од Владата го доби езерото Треска лани во ноември. Тогаш градоначалникот Мурати најави дека запуштениот комплекс ќе го направи вистинска туристичка атракција.
Езерото Треска речиси 20 години е затворено за капење бидејќи водата е загадена, а со години никој не успеа да изгради пречистителна станица. Но и покрај забраната и предупредувањата дека водата не е бактериолошки чиста, жителите од овој дел на градот го користат за разладување во лето.