Насловна / Архитектура / ООУ ,,Киро Глигоров“ – различно, единствено и подобро училиште за новите генерации ученици

ООУ ,,Киро Глигоров“ – различно, единствено и подобро училиште за новите генерации ученици

Од седумдесеттите години на дваесеттиот век па до денес, во Општина Центар – Скопје започнува да се реализира густа структура за домување на локалитетот Капиштец, Мало Курило, локалитет Завод за медицинска рехабилитација и Долно Водно, кои денес имаат околу 12 000 жители. Повеќе од 40 години жителите на овие населби чекаа да се изгради OOУ во Капиштец. Децата ученици во основното образование од овие локалитети ги посетуваа училиштата кои и не се толку блиску до нивните домови, како „Песталоци“, „Кочо Рацин“, „Војдан Чернодрински“ и други, но мораа да поминуваат и по неколку фреквентни сообраќајници. Ова е прво училиште изградено во Општина Центар после изградбата на ООУ „Песталоци“ во далечната 1967 година, како донација од Владата на Швајцарија на постземјотресно Скопје.

skolo2

Локацијата на Општинското основно училиште е на аголот на улиците Васил Ѓоргов и Адам Мицкиевиќ  и е со површина П-10.328 квадратни метри. Се граничи и со локацијата на Завод за вработување на запад и Завод за медицинска рехабилитација на југ. Училиштето е со катност П+2.

Површината на училиштето е Пнет= 8130,30 квадратни метри над земја и Пнет=3755,76 квадратни метри под земја-подрум.

Површината на приземјето е Пнет= 3141,50 квадратни метри.

skolo

Локацијата на ООУ е во густо изградена градска структура. Локацијата односно училишниот двор е оградена со метална ограда од сите страни, а заштитна метална ограда е поставена и пред ООУ на тротоарот долж улицата Васил  Ѓоргов, за подобра безбедност на учениците.

Главниот влез е од улицата Адам Мицкиевиќ. Пред главниот влез има поплочено плато кое може да се користи за групни собири на отворено или престој за време на одмор. Опремено е со клупи и маси. Од главниот влез се влегува  во училишната аула.

Вториот влез во училишниот двор е од улицата Васил Ѓоргов и тој е за моторни возила и за пешаци. Десно од овој влез со рампа има пристап до подрумот. На терен се изведени и 12 паркинзи +2 за инвалидизирани лица. Ова се паркинг-места за краток престој на родителите кои ги носат со возила децата до училиштето. На оваа страна на училиштето има еден помошен влез во училиштето, кој e за вработените, но може да го користат и учениците.

skolo7

На јужната страна е другиот помошен  влез во училиштето, со директен пристап до училните за предучилишна возраст и за помалите одделенија.

Од спортската сала, преку ходник е четвртиот влез-излез кој води директно до спортските терени.

Влезовите-излези се поставени од сите четири страни на училиштето.

Патиштата за пешаци и возила се разграничени и безбедни. Локацијата е уредена со пешачки патеки и зелени површини. Задржани се неколку дрвја кои постоеле на локацијата, а се постари од 40 години. До спортската сала се двата надворешни спортски терени: игралиште за ракомет и игралиште за кошарка.

Целиот училишен двор е осветлен со надворешни светилки, а влезовите во училиштето се нагласени со посебни декоративни црвени светилки. Спортските терени се осветлени да може да се користат и навечер.

Училиштето има четири влезови-излези за учениците поставени на сите четири страни на објектот, а влезовите во училишниот двор се од двете улици Васил Ѓоргов и Адам Мицкиевиќ.

skolo4

СОДРЖИНИ И ФУНКЦИЈА

Капацитетот на новото училиште е за 500 ученици кои ќе се школуваат во основното образование од својата шеста година почнувајќи со подготвителна настава па сè до завршување на основното образование на 15 години – деветолетка.

Општинското основно училиште има 21 училна и седум кабинети за предметна настава.

skolo6

Објектот е конципиран со два извлечени паралелни подолжни кубуси со ориентација север-југ и еден помал кубус меѓу нив, средишен дел. Во подолжните кубуси се планирани просториите за настава на учениците, а во средишниот кубус се заедничките простории за заеднички настани и простории за физичка активност на учениците, аула, внатрешен двор-пацио и спортска сала. Овие три простори аула-пацио-спортска сала се преградени физички само со стаклени ѕидови, со што централниот дел на ООУ е транспарентен, прозрачен и видлив уште од главниот влез во училиштето. Влезниот хол односно аулата е со три катни висини, одгоре дополнително осветлена со кровни светлосни куполи. Кога ќе влезете во училиштето тоа зрачи со светлина и ширина.

Во приземјето на објектот со јужна ориентација, се училните за ученици кои посетуваат подготвителна настава или се во пониските одделенија. Санитариите за овие ученици се поврзани директно со училната, заради поголема контрола. Санитарните елементи се со димензија која одговара на возраста на децата.

Во рамките на училиштето сместен е и Дневен центар за деца со церебрална парализа на П= 304 квадратни метри. Во него се сместени една занимална, четири канцеларии за наставниот кадар за овие ученици, санитарии и сала за физикална терапија. Има посебен влез до овие простории од училишниот двор. Дневниот центар е и единствената измена направена во проектната документација во текот на градбата на објектот. Со оваа содржина ООУ е и првото инклузивно училиште изведено согласно стандардите и потребите за лица со попреченост.

skolo5

На северната страна се кабинетите за ликовно и музичко образование и мала сала за гимнастика со придружни гардероби и санитарии. Спортската сала е веднаш до малата сала за гимнастика. За двете сали ќе се користат истите гардероби и санитарии.

На првиот кат има седум училници со ориентација на јужна страна, а со северна ориентација се дистрибутивната кујна и трпезарија со капацитет 220 места. Веднаш до трпезаријата е и библиотеката со читална. На првиот кат се сместени и дел од просториите за наставници.

skolo8

На вториот кат има шест училници и кабинет за ОТП со ориентација на јужната страна, а кабинетите по физика, хемија, биологија и фотографија се со ориентација на северната страна. На источната страна се наоѓа кабинетот со компјутери, а веднаш до него е просторија со сервер за целото училиште. На вториот кат се и дел од просториите за наставници.

За прв пат во Основно училиште е изведен и кабинет по фотометрија. Во пациото на ООУ е изведена ботаничка градина опремена со подземни грејачи кои ќе овозможат во зимскиот период да нема задржување на снег и мраз во и околу ботаничката градина.

Во подрумот има 94 паркинг-места, економски простории, простории за одржување на зградата и технички простории.

skolo13

Вертикалната комуникација во училиштето е со еднокраки скали кои почнуваат од главниот хол во приземје до втори кат. Како вертикална комуникација учениците можат да користат уште едни двокраки скали на северната страна. Наставниците и вработените ќе користат посебни двокраки скали кои ги поврзуваат сите службени простории од подрум до втори кат.

Поставени се и два лифта за вертикална комуникација во објектот, еден од подрум до втори кат кој е во непосредна близина до просториите за наставници, за  подобра контрола, а е наменет и димензиониран да може да го користат хендикепирани лица. За дистрибутивната кујна од подрум до први кат поставен е лифт само за потребите на кујната.

На секој кат има посебни санитарии за хендикепирани лица.

На секој кат во секој ходник има санитарии за учениците. Санитарните елементи се со вградени казанчиња и вградени мијалници.

Училиштето е функционално, со сите потребни простории за следење на наставата во деветолетка и со многу прегледни, широки и кратки комуникации.

skolo12

СОВРЕМЕНИ ГРАДЕЖНИ МАТЕРИЈАЛИ

Во училиштето се вградени трајни современи и неколку нови градежни материјали, еколошки материјали, материјали кои ја зголемуваат енергетската ефикасност на објектот со што ќе се намали потрошувачката на електрична енергија во иднина при користење на истото. Сите градежни  материјали се сертифицирани од домашни компании, од ЕУ- државите и САД.

Фасадата на објектот во делот на училниците е целосно застаклена, а полните ѕидови се повеќеслојни и вентилирани. Стаклената фасада е полуструктурална со двоструко термопан стакло на прозорците 4.1.4+16+3.1.3. Термопан стаклото е со исполна од аргон 90 отсто. Парапетите се застаклени со калено стакло 6 милиметри пред панел од тврда камена волна и облога од две гипскартонски плочи од внатрешната страна. За заштита од сонце пред прозорците (само фиксните) поставени се алуминиумски фиксни хоризонтални брисолеи.

Полните фасадни ѕидови се повеќеслојни и вентилирани. Завршната обработка е со облога компактни плочи изработени од декоративен ламинат ХПЛ д=6 милиметри, завршена структура натур бетон сив, прицврстена на алуминиумска потконструкција со термоизолација камена волна д=10 сантиметри. Поставена е уште една потконструкција со изолација од д=5 сантиметри на која се прицврстени две гипскартонски плочи од кои едната е тврда. Сите внатрешни преградни ѕидови, освен во подрумот, се изведени со потконструкција на која се прицврстени од двете страни по две гипскартонски плочи со дебелина и карактеристики во зависност од намената на просториите.

До висина од еден метар од подот, сите ѕидови во училниците и ходниците се обоени со масна боја, различна боја за секој кат, на приземје е зелена, на првиот кат жолта, а на вториот кат е со сина боја.

skolo14

Сите подови во училните и канцелариите се антибактериски, еластичен винил во ролни е поставен на потребни подни слоеви.

Подовите во сите комуникации, ходници, хол, скали, санитарии се со камени плочи од вештачки гранит.

Во спортската сала и салата за гимнастика поставен е специјален под за спортски активности винил со д=6 милиметри. Овој под е одобрен од FIBI (Интернационална федерација за кошарка). Поставените кошеви во спортската сала се исто така по стандарди на FIBI.

skolo9

Сите плафони се спуштени до висина на гредата и се изведени од гипскартонски плочи и перфорирани акустични гипсени плочи со истовремен ефект и на прочистување на воздухот d=12,5 милиметри.

Покривачот на сите простории во ООУ е со термо панел однадвор ребраст пластифициран лим, термоизолација 10 сантиметри и рамен пластифициран лим.

skolo1

Сите светилки во училиштето се LED. Греењето е подно, без радијатори во училниците и ходниците, приклучено на градска топлификација.

На кровот се поставени рекуператори за вентилирање и вшмукување на нечистиот воздух од подрумските простории и спортската сала во приземјето.

Опремата во училиштето е согласно намената на просториите. Во училниците се поставени дигитални табли на ,,touch“.

До секоја училница е поставена тактилна табла за деца со оштетен вид.

УЧИЛИШТЕ РАЗЛИЧНО ОД ДРУГИТЕ

ООУ ,,Киро Глигоров“ по неколку нешта е различно, единствено и подобро од останатите училишта во градот па и пошироко.

skolo15

Градено е по високи стандарди и усогласено е со новите училишни програми за основно образование –деветолетка. Применети се сите прописи, стандарди и мерки за градба на Основно училиште.

ООУ,,Киро Глигоров“ во Капиштец е првото инклузивно училиште, со посебен центар за деца со попреченост. Во целиот објект се почитувани и применети сите стандарди за лица (деца) со посебни потреби или попреченост.

skolo10

До секоја училница има тактилни плочки за деца со оштетен вид.

Училиштето е достапно за сите и ќе функционира за сите.

Применети се сите прописи за ПП-заштита на објектот, прописи за ЕЕ, HASSAP прописите за кујна и трпезарија и др.

Вградени се градежни материјали кои се сертифицирани од ЕУ-државите, САД и наши компании. Сите вградени градежни материјали ќе овозможат пријатен и здрав престој на учениците и наставниците во целото ОУ.

Во училниците се поставени SMART touch табли.

Училиштето е целосно компјутеризирано и има заеднички сервер за истото. Но ОУ има и библиотека со читална.

skolo3

За прв пат во ОУ има кабинет по ФОТОМЕТРИЈА и ботаничка градина.

Партерот на училишниот двор е уреден со пешачки патеки и многу зеленило и целосно е осветлен. При градбата на ОУ не е исечено ниедно дрво постаро од 40 години. Дури и габаритот на училиштето е поместен на локацијата за да се исечат што помалку дрвја. На местата на дрвјата кои сепак мораа да се исечат ќе се посадат нови.

Современо училиште за новите генерации ученици кои ќе можат да стекнуваат нови знаења и вештини и да ги развиваат своите способности и таленти. Инклузивно училиште со можност за интерактивна настава. Усогласено и изградено да ги задоволи потребите и различните интереси на учениците.

КОГА И КАКО ПОЧНА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА УЧИЛИШТЕТО

Патот од идеја до реализација на Основното училиште траеше шест години со мали прекини.

  • Во 2013 година Општина Центар распиша анонимен архитектонски конкурс за идејно решение за ООУ во населбата Капиштец. Од 20 пристигнати труда како најдобар и воедно добитник на првата награда беше идејното решение на aвторите Бесиан Мехмети, д.и.а.,Стефан Атанасовски, д.и.а., Никола Кунгуловски, д.и.а. и Арменд Хабипи, д.и.а. од проектанското биро Арцхитецтс ДООЕЛ.
  • 2015-2016 година компанијата ИНКОМ-Инженеринг од Скопје го изработи Основниот проект.
  • Ноември 2016 почнува градењето на училиштето, а градбата завршува во септември 2019 година. Изведувач е компанијата Вардарградба-ДОО од Скопје . Надзорен орган е ЗИМ од Скопје-Завод за испитување материјали и развој на нови технологии 
  • Координатор на изведбата проект-менаџер е м-р Кирe Секуловски, дипл. град. инж. од Општина Центар
  • Инвеститор е Општина Центар – Скопје, која ја обезбеди целата инвестиција за градба на училиштето. Инвестицијата изнесува шест милиони евра.
  • Локација и партерно уредување на дворот

Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top