Утре, како дел од Европската недела на мобилност и дел од настаните на Недела за иднината ќе се одржи велосипедско возење низ градот кое ќе заврши со проекција на филм за климатски промени во Градскиот парк.
Стартот на турата е закажан за 19 часот во паркот Жена Борец кај споменикот на Питу Гули, а крајот е во 19:30 пред Школка во Градски парк. Филмската проекција под отворено небо е во 20 часот. Настанот е дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ спроведуван од Еко-свест, ЦНВП и ДЕМ. Проектот е финансиран од Европската унија.
Секој велосипедист ќе носи транспарент со порака за клима или подобрување на мобилноста во градот.
“Ние немаме повеќе време да размислуваме дали може да се направи- градот може и треба да се развива одржливо и дека само на овој начин ќе се подобри квалитетот на живот и здравјето на урбаните жители.Да бидеме генерациите што ќе ја зачуваат иднината!“, велат организаторите.
Доколку некој сака да учествува на настанот, а во моментот не поседува велосипед, може да се пријави, а организаторите ќе обезбедат велосипед. Контакт лице е Кристина Бужароска, е-маил: [email protected].
Климатските промени се проблем кој не можеме повеќе да го игнорираме. Нашата земја ги трпи последиците од климатските промени – долги сушни периоди, бури со силни ветрови и град и нема финансиски средства да се справи со нив.
Климатските промени и мобилноста на граѓаните, особено во градот се тесно поврзани меѓу себе. Транспортниот сектор во земјава учествува со 13 отсто во вкупните национални емисии во 2014 година, а одтогаш имаме растечки тренд поради се поголем број на луѓе во градовите. Од друга страна пак климатските промени директно влијаат на мобилноста на граѓаните, правејќи го неможно движењето на луѓето и добрата во услови на екстремни временски услови како топлотни бранови и бури.
Сообраќајот влијае и врз здравјето на луѓето и квалитетот на живот, предизвикувајќи загадување на воздухот и бучава.
Потребно е да размислуваме како да го прилагодиме секторот транспорт на екстремните временски услови и во исто време да влијаеме на ублажување на климатските промени преку фаворизирање на форми на транспорт со низок јаглероден отпечаток.
Повеќе велосипедски и пешачки зони во градот со функционално зеленило со цел олеснување на движењето во услови на високи температури. Автопати за велосипеди кои ќе ги поврзуваат градовите.