Долга, а тесна со двоводен кров, куќата е изградена на брдовит терен од каде се протега поглед на чилеанските вулкани Осорно и Калбуко.
Покрај тоа што семејството сакало да има поглед на овие природни атракции, како и желбата нивниот иден дом да има што повеќе природна светлина, проектната задача за архитектицата Мариа Лаура Кристи од проектантското биро Tramarquitectura, била во проектот да се вклучи што повеќе рециклиран материјал и предмети од кои некои се од минатиот век, а кои брачниот пар ги собирал со тек на години.
Проектот е работен во соработка со сопственичката на куќата, која инаку е уметница и на која оваа куќа од 200 квадратни метри ќе и служи и како ателје. Така настанала оваа несекојдневна куќа со еклектичен екстериер и ентериер.
Земајќи ги во предвит желбите на своите клиенти, архитектите проектирале куќа на две нивоа која со својата форма потсетува на класична колиба, која може да се види на југот на Чиле, но која е реинтерпретирана со нови, но и стари материјали.
Имено, едната фасада е направена од метални панели, додека северната, јужната и источната фасада се од метална конструкција која е обложена со рециклирани даски од ариш, поставени дијагонално за визуелно да се добие динамика, пишуваат архитектите за ArchDaily.
Дупла висина
Во куќата се влегува од источната страна во простор со дупла висина кој е зимска градина со многу светлина. Декорирана е со безброј предмети на кои им е внесен нов живот.
На северната страна, која исто така ја карактеризира дупла висина, сместена е дневната соба со трпезарија, интегрирана кујна, која всушност е рамка за горното ниво каде е сместено ателјето. Приватната зона е сместена во јужниот дел на куќата, каде се спалните соби, работната соба и купатилото.
Во ентериерот малку нешта се со понов датум. Мебелот, расветата, деталите, сликите, прекривачите – се тоа е дел од семејната колекција која е сочувана или е собирана од разни места во текот на години.