Изложбата „Допир на огнот – приказна за стаклото од музејските збирки на Црна Гора“ ќе се отвори во понеделник, 16. септември 2019 година, 20:00 часот во Музеј на град Скопје.
чаша – IV век
Изложбата го претставува неисцрпното богатство на артефакти од стакло од антиката до денес, откриени во текот на археолошките истражувања на бројни локалитети во повеќето градови од Црна Гора: Рисан, Котор, Бар, Пљевља, Будва, Беране, Херцег Нови, Улцињ, Даниловград, Котор и Подгорица.
Група разновидни садови II-IV век
На изложбата преку фотографии и текстуални појаснувања е претставен развојот на стакларството и презентирани се нешто повеќе од 100 разновидни предмети од стакло, кои се изложени во црногорските музеи или скриени од погледите на јавноста се чуваат во депоата од речиси сите Музеи или приватни збирки во Црна Гора.
шише – IV век
Акцентот е ставен на античката и средновековната епоха кои оставиле зад себе исклучителни дела на занаетчиски и уметнички обработени предмети од стакло со сакрална или профана намена. Предметите од стакло презентирани на оваа изложба се изработени во техниките на лиење и дување и украсени со различни декоративни техники што упатува на високите уметнички дострели на стакларските работилници во развиените градски центри, како и стакларската продукција на помалите провинциски работилници.