Каменот и металот за праисториските луѓе претставувале револуционерни материјали. Дали денес, за современиот човек, пластиката за жал претставува токму таков револуционерен материјал? Овој вештачки материјал кој поради неговата ниска цена масовно се користи, многу често и за еднократна употреба, предизвикува сериозно загадување. Откако пластиката е пронајдена, односно од средината на минатиот век до денес, отпадот кој го генерирал овој материјал е од огромни размери.
Првото деталн истражување на загадувањето со пластика базирано на анализа на седименти, неодамна е спроведено на брегот на Калифорнија во САД. Истражувачите откриле пластични остатоци во слоевите наталожен материјал на морското дно. Нивната количина меѓу седиментите го следи порастот во производството на пластика од педесетите години на минатиот век до денес. Поголемиот дел од пластичните честички потекнуваат од синтетички ткаенини за облека, што е индикатор дека пластиката слободно патува кон океаните низ системите за отпадни води.
Научниците сметаат дека наслагите од пластика би можеле да го обележат почетокот на „антропоценот“, геолошка епоха која според нивниот предлог, ја означува доминацијата на луѓето над планетата. „По каменото и металното доба, следува пластичното“, тврдат научниците.