Населбата Карпош е симбол на модерно пред и поземјотресно Скопје, создадена кога Ле Корбизије громогласно извикуваше „станови господа, а не топови“ и кога интернационалната унија на архитекти стана светско движење на модерната.
Населбите Карпош 1, 2, 3 и 4 кои се протегаат на западната рамнина на градот Скопје, во продолжение на Дебар Mаало, оформени се во шеесеттите години од минатиот век, во време на интензивна станбена изградба за потребите на младата држава. Воедно трасиран е и булеварот „Партизански одреди“.
Во предземјотресниот период од 1956 до 1960 година изградени се станбените згради во Карпош 1 и 2, а по катастрофалниот земјотрес во 1963 година Карпош 3 и 4. Ова се урбани населби изградени според сите пропозиции на модерниот урбанизам. Како што вели проф. Чипан „Архитектурата создадена во овој период носи белези на младо и разбудено општество, кое смело ги формулира своите потреби“.
По земјотресот со моето семејство се вселив во нов стан, во еден од станбените блокови во населбата Карпош 1. Блоковите сѐ уште беа недооформени, детска градинка немаше, но бевме пресреќни што живеевме во нова урбана населба. Децата од зградата сами направија простор за игра и го викаа „земјеното брденце“ од кое се лизгаа замислувајќи дека се на тобоган. Ова романтичарско време секогаш буди убави сеќавања на еден период безгрижен и полн со оптимизам.
Денес често шетам низ овие населби, забележувам, се воодушевувам, се разочарувам, се восхитувам, се шокирам и носталгично се враќам на времето кое беше мое. Во населбите Карпош 3 и 4 по 1991 година се одвива интензивна градба во празните простори. Населбите трпат континуирани трансформации до степен на непрепознатливост. Забележувам допадливи, главно станбени објекти со издржана архитектура. Визуелниот впечаток и артистички пристап ја создаваат новата естетика на градот, но се чини дека јавниот простор бил и сѐ уште е тивок партнер на центрите на моќ и ја диктира архитектурата. Неизбежно ми е чувството дека јавниот простор како урбан ресурс е занемарен и дека исчезнуваат местата кои се врежани во меморијата на граѓаните. Градот Скопје во мојата перцепција е модерен град. Проектот на модерната е големо архитектонско наследство и уникатна урбана биографија. Затоа ќе се концентрирам на населбата Карпош 1, која е можеби најсочувана во нејзината изворна форма и содржина.
Населбите Карпош 1 и 2 се простираат меѓу булеварите„Партизански одреди“, „Илинден“, „8 Септември“ и улицата „Франклин Рузвелт“ и го живее својот живот сочувана од многуте потреси во градскиот простор. Во мојата опсервација ќе ги изоставам новите објекти по должината на „Илинденска“. Интересот ми е свртен кон станбените блокови од 1960-тите години. Овие објекти се со катност главно П+4, со воздржани волумени и непретенциозен архитектонски израз. Тие не претендираат кон висок пласман во архитектурата, но тие одразуваат едно херојско време на македонската архитектура кое пред сѐ беше свртено кон човекот. Првата генерација македонски архитекти со повеќе од скромни можности и слаб технолошки развој создаде архитектура со натпросечен квалитет и архитектонски израз кој држи до начелата на модерната.
Денес многу од овие објекти претрпеле интервенции, со современи материјали, обнова на фасади и замена на столарија. Некаде трансформациите се скромни, поттикнати од елементарни животни потреби, а некаде се видливи со преградени и надградени балкони, надградба на кровови и баџи и такви функционираат со нов продолжен живот во сликата на градот. Поголемиот дел од овие блокови се со минимални трансформации во архитектурата. Можеби ова е и најсочуваната населба каде се чувствува добриот школски урбанизам. Мирни улици, зеленило меѓу станбените блокови, детски игралишта од некогаш што сѐ уште функционираат, детска градинка, снабдувачки центар, основно училиште, распоредени според урбанистичките прописи.
Во оваа населба функционираат и Технолошкиот, Машинскиот и Електротехничкиот факултет и Драмски театар. Наспроти хаотичниот градски центар, во населбите Карпош 1 и 2 се забележува едно многу позитивно искуство. Денес кога таму преживеале две до три генерации промените се оптимистички. Зелените површини функционираат, жителите на многу места сами ги уредуваат и одржуваат со клупи за седење и масички за комшиско дружење. Населбата е питомо и пријатно место за живеење. Но ако го цитирам Гропиус дека „архитектурата претставува непрекинато движење“, а јавниот простор ресурс и вредно наследство на модерната, се прашувам што е тоа во овој комплекс што треба да подлежи на неминовни промени и како.
Кога шетате низ комплексот не ве напушта чувството на старост и запуштеност на некои простори. Нема велосипедски патеки, на сите тротоари се паркирани автомобили, а меѓу станбените блокови се пружаат долги редови монтажни гаражи кои се супстандардни. Многу од нив и не се користат за таа намена туку служат како магацини или се пренаменети во работилници, фризерници, дуќанчиња. Со нивно отстранување и нова организација на просторот би се решило паркирањето и би се збогатил просторот со зеленило и некоја нова партерна содржина.
Драмскиот театар е култно место и објект врежан во меморијата и културната традиција на градот. Ја подржувам идејата да си го изгради новиот објект за кој имаше изготвен проект.
Населбата крие уште слободни и запуштени простори кои може да се организираат и облагородат за потребите на жителите, а урбанистичка анализа би покажала што уште е потребно за нормално функционирање во современи услови на живеење. Надградување на модерната е вовед во нова реалност. Затоа е неопходно и итно населбата да се стави под контролирано градење и трансформација на објектите со јасно пропишани услови. Населбата треба да се стави под стручна опсервација за подобрување на квалитетот на живеење и уредување на слободните и јавни простори со нова урбана опрема, современ дизајн на просторот и нови урбани содржини. Отворените простори главно се набљудуваат како физички, но и како дијалошки простори кои поттикнуваат општествена одговорност во локален контекст. Во соседството веќе го практикуваат овој метод на урбана соработка меѓу стручната фела и граѓаните како директни корисници.
Денес кога имаме разбудена граѓанска свест и иницијативи од граѓански здруженија за подобрување и хуманизација на јавниот простор, градоначалнику Стефан Богоев имајте доблест да се свртите кон овој проблем. Не е профитабилно, но е многу позитивно. Порекнување и бришење на својствата на модернистичкиот град е еднакво на бришење на колективната меморија на градот, а неуредениот јавен простор го дефинира несоодветниот квалитет на живеење и однесување. Човекот е она каде што живее. Од зградата и квартот започнува приказната за идентитетот. Штета е што не одбранивме таква архитектура во многу населби кои комплетно ги загубивме заради авторитарна политика и некултивираност на заедницата. „Градот го обликуваме ние, тој нè обликува нас“ ќе рече Јан Гел.
Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл.инж.арх.