Здружението на инженери консултанти на Босна и Херцеговина, организира Симпозиум за квалитетот на воздухот во градовите, кој ќе се одржи во Сараево на 30-ти и 31-ви јануари 2020 година. Познато е дека загадувањето на воздухот има огромно влијание на човековото здравје, но и врз екоситемите. И покрај преземањето на развојни и санациони мерки, во многу градови воздухот е прекумерно загаден, што е резултат на несоодветната инфраструктура во областа на комуналната енергетика, неповолната структура на возниот парк, застареноста на индустријата и локалните политики. Генерално, тоа е резултат на недоволно изградениот систем за управување со квалитетот на воздухот. Подетално, се работи за недоволно изградени институционални капацитети, недостаток на модерна опрема за континуиран мониторинг, недоволна вклученост на здравствениот сектор во превентивата и сл. Целта на Симпозиумот е размена на знаења и искуства, како и промоција на нови достигнувања од областа за управување со животната средина, примена на соодветни модели и алатки и оптимирање на мерки за намалување на емисиите на штетни гасови. Симпозиумот има регионален карактер.