Утре и во недела во селото Тресонче ќе се одржи чествување во чест на 200 годишнината од раѓањето на Дичо Зограф.
Во рамките на прославата, овие два дена, предвидено е да има чествување на Дичо Зограф во храмот „Св.Петар и Павле“, пригодна прослава со отварање на Меморијален парк „Дичо Зограф“, Спомен чешма и Спомен соба, трка во планинско трчање „Bistra Trail Ran 2019“, трка во планински велосипедизам од Тресонче до Галичник, Лазарополе и повторно до Тресонче, традиционална тура „Bistra Adventure 2019“.
Покровители на настаните по повод чествувањето на 200 годишнината од раѓањето на Дичо Зограф се Oпштина Маврово-Ростуше, З.Г. „Брзовец“ од Тресонче и Триглав Осигурување. Организатори, пак, на настанот се З.Г. „Брзовец“, „Прв до врв“, „В.К.Енерџи“.
Црквата „Св.Петар и Павле“, с. Тресонче
„Сите се тегнет и се кошкает за мене. Србите велит су бил највеликиот српски зограф, Болгарите ме клавает меѓу творците болгарски, а ја можа да реча оти су бил Мијак от Тресанче“
Димитрија Крстев(иќ), познат како Дичо Зограф (1819, Тресонче, Дебарско – 1872/73) – се вбројува меѓу најзначајните мајстори на Мијачката школа и еден од најпознатите македонски зографи во 19 век. Во својот живот работејќи за потребите на православните цркви на просторите на Македонија, Србија, Бугарија, Албанија и Грција, создава импресивен опус кој содржи повеќе од 2000 дела кои пленат со својот изглед и ни го откриваат чудесниот духовен свет на овој мајстор на иконописот. Неговото иконописно творештво претставува пресвртница на еден илјадагодишен период и почеток на еден сосема нов правец во историјата на македонската црковна уметност. Следејќи ги актуелните текови на црковната уметност, во своите ликовни концепции вметнува специфични елементи на левантинскиот барок. Неутралната, нејчесто златна заднина на иконите, каде се нагласува духовноста на ликовите на светителите, станува карактеристика на неговите дела. Во постојан творечки напор, Дичо Зограф систематски работи и ги моделира новите иконостаси, ги обновува и дополнува постоечките, живописува и работи цели ансамбли во црквите и манастирите. Дичо го превел од грчки на мијачки дијалект стариот зографски прирачник – Ерминија, во кој се наоѓаат иконографските и технички белешки за начинот на работа на иконите и на ѕидните слики. Во напонот на творечкото дејствување, релативно млад, Дичо Зограф умира во 1872/73 година. Неговите дела ќе станат парадигма за генерации зографи во пошироките балкански простори.
Иконостасот во црквата „Св.Петар и Павле“, с. Тресонче
Основен извор за биографијата на Дичо Зограф е сочуваната Ерминија (зографски прирачник), каде тој внел и основни податоци за својот живот. Освен овие белешки, основни податоци за Дичо Зограф се добиени од неговите потпишани дела, кои претставуваат вистински патоказ по кој може да се следи неговиот животен и творечки пат.
Основните податоци говорат дека Дичо Зограф е роден во 1819 година во селото Тресонче, во чија историја посебно место заземало резбарството и зографството. Во минатото (особено во 18 и 19 век) речиси немало куќа во Тресонче која не се занимавала барем со еден уметнички занает. Од нив ќе произлезат познати мајстори на копаничарскиот и зографскиот занает кои ќе остават видни траги во историјата на уметноста на православието како во Македонија така и на Балканот. Растен во маалото Лековци, од каде потекнува и родот на зографот Дичо Перкоски, Дичо Зограф ќе продолжи да ја негува љубовта посебно изразена кон зографскиот занает која во семејствата на Тресонче се пренесувала од колено на колено. Се оженил на дваесет години, на 1 јули 1839 година и имал седум синови и една ќерка.
Сè уште е отворено прашањето за зачетоците на творештвото на Дичо Зограф. Станува збор за неговата работа во периодот од 1840 до 1844 година во црквите од егејското крајбрежје која претставува енигма, како што сè уште е отворено прашањето за неговиот ангажман во црквата „Св. Георгија“ во Лазарополе и идентификацијата со зографот Дичо Перковски кој во 1841 година е спомнат во ктиторскиот натпис од оваа црква. За најраното познато дело на Дичо Зограф се смета иконата „Богородица Пантохора“ во црквата на „Св. Јован Канео“ во Охрид, која ја датирал во 1844 година.
Анализата на стилските и иконографските карактеристики на најраните потпишани дела на Дичо Зограф ќе покажат дека тој бил под влијание на своите учители таткото Михаил и синот Димитрија од Самарина / Епир/, додека работеле во манастирот Св. Јован Бигорски . Дичо кој бил исклучително талентиран зограф, стекнатото искуство кај овие зографи подоцна ќе го надградува за да преку три развојни фази го изгради својот препознатлив стил.
Дичо Зограф, како и најголем дел од Мијаците, се стекнал со високо образование и добро ги владеел книжевниот грчки и старословенскиот црковен јазик, а исто така и духовните прашања. Добрите препораки го поврзуваат со црковните власти и со граѓанските првенци, вклучувајќи се притоа во битката за воведување на црковнословенскиот јазик во богослужбата и народниот јазик во образованието. На тоа укажуваат неговите дела кои ја посочуваат неговата насока на движење.
По завршувањето на зографската обука, некаде околу 1844 година, Дичо мошне подвижен и во постојан творечки напор за да одговори на бројните обврски организирал своја тајфа во Тресонче, а подоцна и работилница со свои ученици. Во неа тој обучува млади, надежни момчиња, а ги подучува и своите синови Аврам и Спиридон. Сето ова му овозможило навремено исполнување на договорените задачи, што од друга страна било предуслов за едно богато и плодно творештво. Биографијата му е исполнета со работа во различни делови на Македонија и соседните земји.
Како што целиот негов живот е обвиткан со тајна, така е мистериозна и неговата смрт. Умира релативно млад на 54 години во 1873 година. Причината за неговата смрт не е позната како што не е познат ниту неговиот гроб. Сето тоа е доволно за низа шпекулации на неговите биографи.
Огромен е творечкиот опус на Дичо Зограф, како и географскиот дијапазон во кој работел. Меѓу другото неговите дела покрај Скопје и Скопско се сретнуваат во црквите во Куманово и Кумановско, потоа во црквите „Св. Троица“, во Гуменџе и во село Градец кај Видин, Бугарија, како и во „Св. Троица“ во Врање, Србија. Србите и Бугарите, како и секогаш во недостаток на свои синови, се обидуваат да го присвојат и Дичо Зограф, прикажувајќи го како Србин или Бугарин. А тој си е сепак само Мијак Македонец, еден од најголемите македонски зографи чие творештво ќе стане пример за многу идни генерации зографи.
Иконописните ансамбли во скопските цркви „Св. Спас“ с. Црешево, „Св. Горгија“ во Бањани, и „Св. Никола“ во село Глуово се сметаат за едни од најбогатите и најубави од делата на Дичо во Скопскиот Регион. Меѓу најдобрите остварувања во неговото творештво се вбројува и иконата посветена на светите Седмочисленици, со Св. Еразмо и Св. Јован Владимир од 1862 година, изработена по нарачка на семејството Робеви од Охрид. Оставил и неколку портрети меѓу кои и на јеромонахот Самоил изработен за манастирот Трескавец, во 1854 година, кој се смета за прв посовремен портрет во македонското сликарство од XIX век. Во 1868 година Дичо ги слика и портретите на јеромонахот Теодосие и игуменот Јоаким во машката трпезарија на манастирот Јован Бигорски во духот на зографските решенија, кои до пред неколку години се сметаа за негови последни дела.
„Ерминија“ од Дичо Зограф (извадоци)
Здравој живо!
По толку годиње зборвање за мене и за моите дела и живописанија по дуњава, се стори и теа… и ја да си кажа лаф-два за моето животописание од моето село Тресанче, па до целава земја балканска. За оније кои не ме зноет, ја су Дичо, велит су бил еден од најголемите животописци, сиреч зографи на земјава во 19 век. Паметува оти дур бев во светот, зографисав и погоре от 2.000 икони. Тије икони сегса требет да се вардит како зениците во очите ви, зашчо како големи и важни слуша оти пред година-две беје извадени и во големиот универзитет Сорбона во френската држава.
Сите се тегнет и се кошкает за мене. Србите велит су бил највеликиот српски зограф, Болгарите ме клавает меѓу творците болгарски, а ја можа да реча оти су бил Мијак от Тресанче. Илјадници слики светии зографисаф и ‘и потпишаф со писмо “из руки Дича Зографа”, а моево грешно лице никоде не го насликаф, па денес не ме зноете какво лице су носел на себе.
Нејсе, тога ќа требет да ме погледате во душава и во сликине шчо су ‘и оставил, па од ним да познаете шчо лице су ликувал. А, за нив не берете гајле. Ви оставив една Ерминија, коде ви ‘и запишав сите рабоќе за животов мој, невестата, децата и за мајсторлакот зографски.
Бигорските зографи кои занаетот го печеле на Света Гора Атонска на место ми покажае темелите на зографството. Тога тајфите ‘и водеше мајсторот Михаил од Самрина, Цинцар от кого многу научиф.
Отпрвин мие помладите ‘и цртавме првите слоеви од иконите, а за на крај мајсторот саде ‘и клаваше последните сенки и светијата добиваше невидена убавина, како да сакат да станет и да ти проговорит.
Таке го почнаф ја занаетот зографски.
Теа беше некоде во 1835 година. От туе, па сî до смртта, изработиф повеќе од 1.600 икони и фрески, станав мајстор, учител на познатите зографи Максим Ненов – војводата, Блаже Дамјанов, Исаија Мажоски, на син ми Аврам, на Јосиф Радевиќ и на синот на зографот Петре Пачар, Глигорие.
Токо, пред теа ме фтасае годините за женачка. Се ожениф на 20 години. От венчавањето подоцна ми се родије седом синови и едно момале. Синовите ми беје: Аврам, Нестор, Арсение, Евгение, Спиридон, Ефтим и Божин, а ќерката Темјана.
Коа нап’лниф 22 години со тајфата заминафме за в Охрид, а веднаш потоа нî викна лазаровскиот ќеаја, Ѓурчин Кокале за да ја зографисаме новата црква. За теа лично се заложил владиката Анатолиј Зографски, родум од овеа село, коа чул оти ќеајата имат намера да викат зографи дури от Света Гора.
Од 1844 до 1845 година сликаф по црквите и манастирите на Скопска Црна Гора во село Кучевиште. Да спомена само оти дур работефме туека рабоќето ‘и вардеше Михајло, исто така от Тресанче од маалото Јуруковци, кој му беше татко на Јосиф, кој подоцна стана кмет на Скопје и изгради многу чуда за градот.
Во 1844 година појдуваф и в Бигорскиот манастир, коде во следните четири годиње зографисаф неколку престолни икони. Го насликаф Исус Христос, “Света Богородица”, “Свети Јован Крстител” и иконата “Свети Свети Ѓорѓи Димитрија”.
После теа работаф во Бањани, а во таја 1845 година ‘и насликаф и иконите во црквата во Тресанче, во “Свети Петар и Павле” (“Света Богородица Одигитрија”, “Свети Јован Претеча” и “Сабор на светите апостоли”), а во следната година и иконите “Свети Никола Чудотворец”, “Свети Три Јерарси” (“Свети Василие Велики”, “Свети Јован Златоуст” и “Свети Григорие Богослов”), како и иконата “Свети Атанасие”. Во истата година насликаф и други икони за тресанечкиот храм.
Особено успешно ми беше животописанието на големиот иконостасен крст во големата тресонечка црква кого го завршив во 1854 година.
Зографисувањето на оваа црква траеше сe на сe од 1844 до 1854 година.
Шчо да ви кажа? Овие годиње успеаф најцеловито да ‘и исползува сите мои творечки можности, па во следните годиње ‘и зографисаф следниве позначајни икони: Иконостасот во црквата “Свети Димитрија” во село Волковија (1852 година), иконостасот во црквата “Свети Никола” во манастирот во село Љубанци (1853 година), во храмот “Свети Никола” во Куманово (1856 година), во црквата “Свети Илија” во село Кадино (1857 година), “Света Марина” во село Зубовце (1859 година). На крајот от оваа гомина заминаф во Србија и во Врање зографисуваф во црквите “Света Троица”, во црквата “Света Богородица” во Скопје (1860-1861 година), па потоа пак појдоф в Охрид коде работефме во храмовите “Свети Никола Геракомија”, “Света Богородица Челница”, “Света Богородица Каменска”, “Света Богородица Болничка”, Света Богородица Перивлептос” и во “Свети Димитрија”.
Во овие цркви и годиње нацртаф стотици и стотици икони, а имаше и многу луѓе кои сакае да им црта светии, па ниф не ги пишаф една по една.
Работејќи на сенките на моите икони вардеф на обликувањето на животоносниот израз на иконата. Нејзе је клаваф голем контраст и ‘и смалуваф пасажите. Иконите ‘и сликаф на златоносна основа, шчо на ликовите на светиите им дават посебна духовност. Вардеф коа зографисуваф мали икончиња да не им се губит от изразувањето и обликот кој го имает поголемите, да реча, да не се стопит ликот од личниот светител. Многу е важно да зноете оти не требет да се користит вештачки бои, а коа имате на ум нешчо да сликате, вардете готовите боите да не ‘и клавате веднаш на даската или платното, ами оставете ‘и да тифнет барем два дена за от нив да излезет лошотиите кои ‘и гризет дрвата и платната. Кој сакат да зноет повеќе за рабоќето кои сам ‘и научиф, најдете ја мојата Ерменија, а во неа на 201 страница напишаф с# шчо зно за зографисувањето.
Годишно работеф по околу педесети големи дела, а некоаш саде дваесетина, па затеа сеа некои велит оти во некои годиње коа су работал на многу икони и рабоќе воеднуш, малу су ја губел убавината.
Во нашиве краишта го донесоф барокот кои у нас идеше преку Света Гора и Солун, преку нашите мијачки зографи и разбари кои го учее занаетот во манастирот “Зограф” на Атос.
Ама, како Господ, никој не е.
Коа ‘и нап’лнив 54 години во 1873-та ме фати некоја треска или настинка, некои велит пневмонија била.
Памета како дента у нас ф Лековци дојдое да ме видит учителот Мино Брадиноски и попот Мартин. Полафифме малу и коа се кренае да си одит, потстанав и ја. ‘И испратиф до портиче и је реков на домаќинката да ми сварит еден чај и во него да ми капнет малу ракиица. Дур се попраќафме со двајцата, чајот беше сварен. Коа се прибраф в сопче, се напиф од него и наеднуш ми се стори како лошо и почнав да ја губа светлинава од пред очи. Оттога саде паметува како домаќинката викаше по Мартина и попот кои покроце слагае по потичето кон Брадиновци. Коа дојдое, ја веќе беф тргнат на умирање…
Сеа саде на едно мисла…
Шчо ќа беше со мене и колку ушче икони ќа зографисаф да не ме наеше умирачката? Ал ќа ‘и покриеф сите цркви во Македонија со моиве роце, а луѓево денеска малу повеќе ќа зноеја за животописната умешност у нас. Се мисла, да не не сторив доволно за црквата и за вас?
Вардете ми ги оние рабоќе шчо ‘и остаиф да ‘и красит црквите у нас и у другите земји, зашчо за да го дозноеме светот надвор од нас, требет првин самите себе си да се научиме.
Да сте ми живи и здрави!