Јапонскиот воз неколку минити застанал во тунел откако ја напуштил станицата Сендај на пат кон Токио, затоа што една врата останала отворена при брзина од 280 километри на час.
Никој од 340-те патници на возот 46 не е повреден, а откако застанал, возот поминал 15 минути во тунелот, додека целиот систем не се преконтролирал.
„Источната јапонска железничка компанија“ соопштила дека проблемот се случил кога жената што чистела заборавила да го затвори уредот кој рачно ја отвара вратата.
„Искрено им се извинуваме на патниците за инцидентот и ќе се трудиме вакво нешто да не се повтори“, изјави потпаролот на компанијата.
Јапонските медиуми пренесуваат дека возот поминал околу четири километри, пред да застане и дека во Токио стигнал со задоцнување од 19 минути и поради тоа предизвикал доцнење на уште 3.000 патници на другите линии, кои морале да забават или да почекаат.