Според новиот закон донесен на Филипини, учениците и студентите ќе мора да посадат најмалку 10 стебла за да може да завршат основно, средно училиште и факултет.
Властите се надеваат дека со овој закон ќе се формализира традицијата на садење дрвја по дипломирањето, како и тоа дека ќе биде од помош во борбата против климатските промени.
Заговорниците на новиот закон велат дека тој би можел да придонесе за дури 525 милијарди засадени стебла во една генерација, доколку сите се придржуваат на правилата.
„Со повеќе од 12 милиони ученици кои завршиле основно училиште, скоро пет милиони ученици кои завршиле средно училиште и 500.000 дипломци на факултет секоја година, оваа иницијатива, ако се спроведе правилно, ќе осигура годишно да се посадат најмалку 175 милиони нови стебла“, вели Гари Алехано, автор на предлогот.
Стеблата ќе се садат во постоечките шуми, некои заштитени подрачја, воени полигони, напуштени локации на рудници и одбрани урбани подрачја, а се според плановите за озеленување на локалната самоуправа.
Покрај влијанието на дрвјата во апсорпцијата на јаглерод – диоксид, филипинските власти се надеваат дека идните генерации ќе имаат развиена свест за животната средина и дека во иднина ќе донесе нови еколошки иницијативи, пренесува Национална Географија.