Една десетина од градежните парцели во Македонија немаат впишана сопственост во Катастарот. Се работи за околу 50.000 градежни парцели за кои отпочнува постапката за утврдување на нивната сопственост.
За 40 илјади парцели веќе има податоци во Катастарот и за нив по службена должност ќе се направи запишување. На овој начин 26 илјади граѓани бесплатно ќе добијат имотен лист. За останатите 10 илјади парцели веќе е објавен повик до граѓаните да ги достават сите документи за сопственост со кои располагаат до надлежните институции.
„За 40-те илјади парцели граѓаните не треба да поднесат никакви документи, туку Државното правобранителство ќе поднесе барање до Катастарот и тој врз основа на постојната евиденција ќе ги запише овие кориснички права на граѓаните, кои потоа тие ќе може да ги приватизираат пред Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии. За останатите 10 илјади парцели градежно земјиште имаме повик до граѓаните да ја донесат целокупната документација што ја имаат за сопственост за да можат и тие да се запишат во Катастарот“, појасни директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на денешната прес-конференција.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески смета дека се работи за значаен проект кој е во интерес на граѓаните, со кој ќе се дозаокружи процесот на запишување на имотите на целата територија и ќе се раздвижи пазарот на недвижности.
„Ќе се заокружи процесот на запишување на имотите на целата територија на државата, еден крупен и сеопфатен процес кој започна во 2006 година и кој во 90 проценти досега е завршен, со што граѓаните се стекнаа со соптвеничко право на имотите што им овозможи да ги купуваат, продаваат или да ги заложат како хипотека во банките“, рече Ставрески.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески смета дека со овој процес ќе се забрза процесот на легализација на земјиштето.
„Со оваа активност ќе им овозможиме на 26 илјади граѓани побрзо да го завршат процесот на легализација. Наместо поединечно општината да доставува барања до Катастарот и поединечно да ги изложуваат парцелите, сега систематски ќе бидат изложени 40-те илјади парцели“, појасни Јанакиески.