Задачата во овој семестар на Архитектонско Студио 5 раководено од проф. д-р Минас Бакалчев и проф. д-р Саша Тасиќ беше проектирање на повеќесемејни станбени згради на брегот на Охридското Езеро. Проектот кој го работевме под менторство на проф. д-р Саша Тасиќ се наоѓа на локацијата за интервенција специфична по повеќе основи. Најголемо влијание во целиот контекст секако има Охридското Езеро до кое тангира предметната локација од јужната страна. Водата како и патот до „Св. Канео“, брдото и силуетата на стариот град беа генераторите на концептот. Целта беше нашата интервенција да одговори на контекстот така што нема да ја наруши природата, туку ќе оствари врска со неа овозможувајќи директни пристапи до вода и надоврзување на патеката кон Канео.
Одговорот на овие прашања ние го гледавме во правење на композиција во просторот наместо поставување на еден или повеќе слободностоечки објекти. Оваа композиција се состоеше од средно домување во повеќесемејна зграда со висина п+7 и ниско домување т.е. домување во куќи, п+1.Овие две структури се поврзани меѓусебе со платформа која се движи на ниво +3,06. На едниот крај таа поминува во амфитеатар кој се спушта кон езерото и служи за социјализација и рекреација на жителите. Ова ниво во зградата е целосно отворено при што овозможува слободно движење и поврзување со патеката со „Св. Канео“. На овој начин се добива една континуирана патека на движење и комуникација во рамки на целиот комплекс. На приземното ниво под зградата е пуштена водата од Охридското Езеро од која преку платформа и скали се качуваме до првото ниво. Во останатиот дел се сместени влезните простори.
Типологијата на зградата е страничен коридор којшто е отворен и со поглед кон брдото од источната страна, додека становите линеарно се редат од западната страна. Сите станови се решени во проектантски модул којшто се провлекува во целосното композициско решение. Четирисобните станови се решени во куќи кои имаат сопствен двор и бочен пристап. Еден дел од приземјето може да функционира во склоп на целината, но и да се користи независно, со што се овозможува и да се изнајмува на туристи. Куќите имаат рамна кровна тераса која е поврзана со заедничката платформа за движење. Главниот дел од куќата и помошниот дел се поврзани со мостови кои го овозможуваат континуитетот на движење од платформата.
Вака реализиран проектот беше презентиран на ИЗЛОЖБА НА АРХИТЕКТОНСКИ СТУДИЈА – ИАС13. На изложбата беше формирана комисија во која членуваа архитектите Мартин Гулески, Доминика Бошкова и Костантин Трпеновски кои беа одговорни за изборот на најдобрите проекти за првиот, вториот циклус на студии и за интегрираното студио. Комисијата во споменатиот состав го награди нашиот проект како најдобар на првиот циклус на интегрираните петгодишни студии по архитектура. Наградата свечено ни ја доделија деканот проф. д-р Огнен Марина и продеканот проф. д-р Јован Ивановски на Архитектонски факултет. Како дел од наградата добивме и книга од архитект Славко Брезоски – „За архитектонските работи“.
Автори: Сара АЛАЃОЗОВСКА и Ангела ЈОВАНОВСКА, студенти на Архитектонскиот факултет при УКИМ