Трансилванија е историски регион кој се наоѓа во централниот дел на денешна Романија. Регионот на Трансилванија е познат по прекрасните пејзажи околу планинскиот венец на Карпатите и по својата богата историја. Во неа се наоѓаат познатите градови Брашов, Цибиу, Таргу Муреш, Бистрица и Клуј Напока. Изобилува со многу културно-историски споменици, музеи и замоци. Во западниот свет Трансилванија секогаш асоцирала на земја со вампири, главно поради новелата од Брам Стокер „Дракула“ и многуте американски филмови снимени за Дракула. Луѓето во Трансилванија отсекогаш биле многу суеверни и народните прикaзни за вампири се многу раширени и популарни. Трансилванија е мултиетнички регион во кој живеат најголем дел Романци, а помал број Саксонци, Унгарци, Роми, Украинци и други.
Меѓу познатите замоци, кои се прогласени за културно наследство на Романија, a денес се музеи, отворени за посетителите преку целата година се:
-Замокот Бран, кој се градел од 1211 до 1377 година е еден од најзначајните замоци по кои е препознатлива Романија, а на Запад е познат како Замокот на Дракула.
-Замокот Корвин, граден во 1446 година – 17 век, еден од најголемите замоци во Европа граден во готско-ренесансен стил.
-Замокот Банфи, граден 1437-1543 година.
-Замокот Пелеш во близина на Синаја, граден 1873-1914 година.
-Замокот Пелизор во близина на Синаја, граден 1899-1902 година и многу други.
ЗАМОКОТ ПЕЛЕШ
Замокот Пелеш е изграден во близина на местото Синаја, во прекрасен пејсаж под Карпатите. Се наоѓал на средновековниот пат кој ги поврзувал Трансилванија и Влашка. Го изградил кралот Карло I, со сопствени средства. Се градел од 1873 до 1914 година.
Кралот Карло I, е роден како баварски принц од Хохенецојлерн-Сигмаринген и бил крал на Романија од 1866 до 1914 година. За време на неговото владеење Романија ја добила својата независност. Во 1866 година при прошетка низ земјата прв пат го видел пејзажот и местото под Карпатите во кое веднаш се вљубил. Прекрасен предел во борова шума, со мала рекичка покрај него. Во 1872 година круната купила имот од ~5 квадратни километри во тој предел. Имотот бил наречен „Кралски имот во Синаја“. Кралот нарачал на тоа место да се изгради замок–летна кралска резиденција. Првите три плана кралот Карло I ги одбил бидејќи биле копии на веќе изградени замоци во Западна Европа. Кралот барал оригинален план за неговиот замок. Четвртиот план на германскиот архитект Јоханес Шулц го одобрил, бидејќи бил оригинален и одговарал на неговиот вкус. Тоа бил голем алпски замок, со повеќе функции со класичен европски стил кој главно ја следел италијанската елеганција и германската естетика за ренесансни линии. Градбата ја водел архитектот Карол Бенеш.
Цената на чинење на замокот била 16 милиони леи во злато или претворено во денешна валута 120 милиони американски долари.
Сопругата на кралот, кралицата Елизабета се занимавала со пишување, но сите текстови и романи ги објавувала под псевдоним. Во магазинот за кој редовно пишувала текстови напишала текст за изградбата на замокот Пелеш.
Околу 3000-4000 работници работеле на изградбата на замокот и биле од различни земји и краеви.
Италијанците биле градителите на замокот, Романците ги граделе терасите пред замокот, Албанците и Грците работеле со камен, Германците и Унгарците биле столари, Ромите биле највесели, Турците правеле тули, инженерите биле Полјаци, поплочувањето со камен и мермер го работеле Чеси, дрвените резби ги работеле мајстори од Балканот, Французите сликале и ги изработиле муралите, а Англичаните мереле. Можеле да се видат стотина различни национални костими и се зборувале 14 јазици. Весели и сложни градители иако доаѓале од различни земји. Градбата малку се успорила за време на романската војна за независност од Турската Империја во 1987-1988 година, но потоа градежните работи се забрзале.
Првиот кралски бал и инаугурација на замокот Пелеш бил на 7 октомври 1883 година.
Паралелно со изградбата на замокот се граделе и други објекти на кралскиот имот како економска зграда, куќа за чуварите, ловечка куќа, кралска штала за коњи, електрана и друго. Од 1899 до 1902 се изградил и замокот Пелизор кој бил наменет за идниот крал Фердинанд и кралицата Мери. Кралот Фердинанд бил внук од брат на кралот Карло I, бидејќи тој немал деца за иден наследник на круната бил назначен неговиот внук.
За време на градбата на замокот Пелеш кралот Карло I и кралицата Елизабета живееле во вилата Фарсоа. Во 1893 во замокот Пелеш роден е идниот крал Карло II, и со тоа му се дава значење на замокот како колевка на династијата и колевка на нацијата. Замокот Пелеш најчесто се користел од кралската фамилија како летна резиденција.
Со абдицирањето на последниот романски крал Михаил во 1947 година сите кралски имоти биле одземени, меѓу нив и замокот Пелеш. Во 1953 година замокот е прогласен за музеј. Кратко време се користел како музеј, а околината се користела за рекреација и излети, но од 1975 до 1990 замокот бил затворен. После падот на Чаушеску и комунизмот, кралската фамилија си ги враќа имотите меѓу нив и замокот Пелеш. Од 1997 година Замокот Пелеш е во сопственост на кралската фамилија. Последната желба на поранешниот крал Михаил, која се почитува и денес, била замокот Пелеш иако е вратен во сопственост на кралската фамилија да остане музеј, отворен за посетители, а кралската фамилија да го користи за посебни фамилијарни настани, по потреба. Денес кралскиот имот и дворецот Пелеш имаат околу 250-500 илјади посетители годишно.
Со својата форма, функција и големина замокот Пелеш всушност е кралска палата, но постојано се вика замокот Пелеш (Castle Peles). Архитектонскиот стил во кој е граден е неоренесанса и готски стил и многу е сличен на замокот Neuschwonstein во Баварија. Баварското влијание се гледа и во внатрешното двориште кое е рачно насликано со ѕидни мурали, слично како многу замоци во северна Европа.
Површината на замокот на приземје е 3.200 метри квадратни и има вкупно 170 простории. Многу од нив се посветени на различни земји и култури. Просториите се поделени и по функција. Замокот содржи работни простории-канцеларии, библиотека и соба за прием и состаноци, простории за забава – соба за сликање, соба за музика, театар, сала за балови, уметничка галерија, простории за кралското семејство – спални соби, гостински соби, 30 бањи, трпезарии и економски простории. За полесно движење меѓу катовите бил инсталиран и лифт. По стилот на внатрешното уредување просториите се поделени и се викаат турска соба, француска соба, фирентинска соба, арапска соба итн. Во замокот има голема колекција на уметнички дела од уметници од средна и источна Европа.
Во неколку простории е изложено и оружје кое е поделено во три дела, оружје од источна Европа, оружје од западна Европа и оружје за лов. Има околу 4000 парчиња оружје преку кои е претставена историјата на Романија за период од 400 години.
Внатрешните декорации на ѕидовите во дворецот се од дрвена резба и облога од текстилни тапети, сè во стилот на барокот.
Впечатливо е дека сите прозорци се застаклени со витражи, главно изработени во Швајцарија.
Замокот имал сопствено централно греење и користел електрична енергија од сопствена електрана.
При крајот на градбата од 1893 до 1914 биле додадени се пет кули на замокот од кои централната е најголема и е висока 66 метри. Кулите ги проектирал и изведувал чешкиот архитект Карол Бенеш.
Пред главниот влез во замокот, поставена е скулптура на кралот Карло 1 и изградени се тераси, скали, фонтани и патеки кои водат околу паркот на замокот и целиот кралски имот.
Дел од историјата на Романија и нејзината борба за независност може да се види со посета на замокот Пелеш.
ЗАМОКОТ БРАН
Замокот Бран е граден од 1211 до 1377 година. Тој се наоѓал на главниот пат помеѓу Влашка и Трансилванија. На почетокот тој се користел како тврдина во која најчесто престојувала војската и се борела против продорот на Турците од југ кон север. Изграден е од камен, поставен е на карпа и гордо стои и пркоси на времето, високо издигнат над целата околина.
Замокот во западниот свет е познат како Замокот на Дракула. Во новелата на Брам Стокер „Дракула“ по која се снимени и многу филмови, Стокер дава опис на еден замок во кој живеел Дракула кој е многу сличен со Замокот Бран. Брам Стокер никогаш не ја посетил Романија, ниту го видел замокот Бран. Неговата новела е негова имагинација.
Дракула се поистоветува со романскиот кнез Влад кој владеел од 1431 до 1470 година и е голем романски херој кој храбро се борел против Турската Империја и Австро-Унгарија, за ослободување и обединување на Романија. Митовите за Дракула и Замокот Бран се измислени од филмската индустрија во Америка, и тој мит и денес е актуелен. Замокот Бран во западниот свет е познат како замокот на Дракула. Со овие легенди и митови се зголемува и бројот на посетители и туристи на замокот.
После 1928 година, Романија се обединила во денешните граници и Трансилванија станува дел од Романија. На 1 декември граѓаните на Брашов со одлука на град Брашов и градоначалникот Карл Шнел замокот Бран ѝ го поклониле на кралицата Мери, големата кралица која била многу популарна меѓу народот.
За кралицата Мери замокот Бран претставувал прекрасен објект, но за него ќе каже дека е една убава мала запуштена тврдина заборавена некаде во планините. Од 1920 до 1934 кралицата Мери го адаптирала и преуредила замокот Бран и од него направила прекрасен кралски замок, летна резиденција за кралската фамилија. Со преуредувањето на замокот раководел чешкиот архитект Карл Лиман.
Додадени се две кули во кои се сместени нови скали. Отворите за пушки и топови претворени се во прозорци. Инсталирана е водоводна инсталација, а водата е донесена од бунар во внатрешниот двор на замокот со длабочина од 57 метри. За осветлување на замокот и околината во 1932 година кралицата наредила да се изгради електрична централа со турбини која ќе ги задоволи потребите за електрична енергија на замокот, околината но и соседните населени места, за што граѓаните ѝ биле благодарни на кралицата.
Во замокот биле инсталирани три телефонски централи за побрза и подобра комуникација со светот. Замокот има приземје и четири ката. За побрза и полесна комуникација бил инсталиран лифт, со кој кралицата можела да стигне од паркот во подножјето на замокот до нејзините простории во замокот.
Во подножјето на замокот бил уреден парк со мало езерце и многу цветни површини и разновидни дрвја сè по избор на кралицата. Во малото езеро биле донесени и лебеди. Во паркот биле изградени и неколку помошни објекти како дрвена куќичка за лов, мала дрвена црква, куќа за гости со седум соби со површина од 176 квадратни метри, куќа за чај и прием на гости со површина од 144 квадратни метри, куќичка за куклите на принцезата Илијана од 43 квадратни метри, економска куќа од 378 квадратни метри, коњушница и неколку гаражи.
Замокот Бран и палатата Балчик биле омилените места за живеење на кралицата Мери. Таа успеала од една стара камена тврдина,запуштена, заборавена, и многу непријатна за престој, тврдина во која никогаш и немало некој посебен живот да ја адаптира во прекрасен замок со сите удобности и потреби за кралски живот. За време на кралицата Мери замокот Бран го доживеал најголемиот сјај. Кралицата Мери умрела во 1938 година и после неа за замокот се грижеле нејзините деца, особено ќерка ѝ Илијана. За време на Втората светска војна замокот бил пренаменет во болница за ранетите и болни војници и офицери.
Во 1947 година после абдикацијата на кралот Михаил, замокот ѝ припаѓа на државата. Во 1953 година е прогласен за музеј. После 2004 година вратен е во сопственост на кралската фамилија, но сè уште се користи како музеј и има многу посетители и туристи.
Овие два замоци во Романија се најпознати и се нејзини заштитни и препознатливи знаци, но тие се истовремено и музеи кои многу детално и верно ја прикажуваат историјата и долгата борба на Романија за самостојност.
Во нив е презентирано и огромното богатство на кралската фамилија, голем број на уметнички дела со потекло од источна и западна Европа. Градбата на овие замоци ги покажува и градителските способности во Романија.
Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл.инж.арх.