Насловна / Вести / Охрид воведува мораториум на градба и усвои Акциски план за препораките на УНЕСКО

Охрид воведува мораториум на градба и усвои Акциски план за препораките на УНЕСКО

Советот на општина Охрид на денешната седница ја усвои одлуката за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови, со што се воведува мораториум за градба во оваа општина. Воедно, советниците одлучија времено да се прекинат и постапките за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти во Охрид, а го усвоија и Извештајот и Акцискиот план на владата во кој се опфатени сите чекори, постапки и активности кои ќе бидат преземени во наредниот период за исполнување на препораките на УНЕСКО што произлегоа по завршувањето на 43 – тата сесија на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО.

Ohrid

Општина Охрид постапи по заклучоците од 146 – тата седница на македонската влада и зазеде став дека ја почитува определбата за да се зачува статусот светско наследство на УНЕСКО на природното и културно наследство на Охридскиот регион. Донесената одлука на општинарите ќе се применува до донесување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион или најдоцна до 1 февруари 2020 година.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески ја поздрави одлуката на советниците да се подржат активностите во насока на зачувување на заштитениот статус на градот под УНЕСКО.

“После завршувањето на 143-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО секојдневно работиме на исполнување на дадените владини задолженија, со цел Охридскиот регион да не биде впишан на листата загрозени светски наследства. Изготвивме акциски план во кој се опфатени сите чекори, постапки, активности за наредниот период, што се однесуваат на исполнување на препоракиете на Комитетот на УНЕСКО, а се во надлежност на Општината“, рече Георгиески, истакнувајќи дека за деталите на планот јавноста биде запознаена дополнително.

Тој нагласи дека со усвојувањето на Предлог-одлуката за времен прекин на донесување и спроведување урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, започнува реализациј а на активностите на Акцискиот план.

Ohrid1

Покрај тоа што времено се прекинува спроведувањето и донесувањето на урбанистички планови, урбанистичко – плански документации и архитектонско-урбанистички проекти, времениот прекин важи и за сите нови постапки за предмети кои се однесуваат на издавање одобрение за градење, надградба или доградба, започнати после стапувањето во сила на оваа одлука.

Од општина Охрид информираат дека сите инвеститори со веќе добиено одобрение за градба ќе можат да продолжат со реализација на нивните проекти. Воедно, одлуката за мораториум за градба не се однесува за барање за издавање извод на план, за решение за измени во тек на градба, за промена на инвеститор, за реконструкција, пренамена и адаптација и за решенија за градби за кои не е потребно одобрение. Во оние случаи каде се отпочнати постапките за издавање одобренија за изградба, надградба и доградба, мораториумот за градба нема да важи.

 

Испрати коментар

Scroll To Top