„Туристичката полиција“ во Рим почнала да ги казнува оние кои не се придржуваат на новововедените правила за однесувањето на туристите околу значајни културно-историски споменици.
На почетокот на годината, градските власти донеле нови правила за однесувањето на туристите на кои им се забранува било какво подолго задржување или седење на историските споменици.
Оваа забрана се однесува и на прочуените скали на Шпанскиот плоштад, кои станале уште попопуларни и поради филмот „Празник во Рим“ од 1953. година со Одри Хепберн и Грегори Пек во главните улоги.
Мермерните скали, проектирани од Франческо де Санктис помеѓу 1723. и 1726. година се едни од најпопуларните места во Рим. Вкупно 136 скали кои одат до црквата Тринити деи Монти се под заштита на УНЕСКО.
Последните години мермерните скали биле сериозно оштетени поради загадување, како и поради флеки од кафе и вино кои позади себе ги оставале несовесните посетители.
Обновувањето на скалите во 2015. година чинело 1,5 милиони евра, а парите ги донирала познатата италијанска компанија „Булгари“.
Засега „туристичката полиција“ само ги опоменува туристите да не седат на скалите и сеуште не ги наплатува утврдените казни од 250 евра. Меѓутоа во Венеција пак, минатиот месец казнети се двајца германски туристи со 950 евра поради правење кафе на скалите кај мостот Риалто.