Во Галерија 8 вечер ќе биде отворена изложба на плакати 70-ти/80-ти од Костадин Танчев-Динка, која ја организираат галеријата и Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Со неа почнува сезоната на изложби во Галерија 8.
„Изложбата на плакати ги претставува најкарактеристичните графички решенија на авторот, изработени во неговото златно доба, во периодот од седумдесеттите до средината на осумдесеттите години на минатиот век. Во однос на темата, акцентот е ставен на плакатите изработени за дела од областа на културата и уметноста, како театарски претстави, филмови, архитектура, културни манифестации и неколку плакати од областа на индустрискиот дизајн“, соопшти организаторот.
Костадин Танчев-Динка е меѓу основоположниците на графичкиот дизајн во Македонија. На Факултетот за ликовни уметности го предавал предметот графички дизајн и изградил неколку генерации млади графички дизајнери. Освен во графичкиот дизајн, професионално бил ангажиран и во театарската сценографија, филмската анимација, графиката…