Градена во период од три години (2014 – 2017), куќата „Casa Bedolla“ е сместена на сам раб на провалија во националниот парк El Jonuco во Мексико. На терен помеѓу планини, со сложена топографија, место со големи кедрови и дабови дрвја. Куќата е ѕидана со комбинација на камен и бетон на парцела со површина од 2.660 квадратни метри, а самата куќа е со мала површина во однос на големината на парцелата, 245 квадратни метри. Проектот го потпишуваат архитектите David Pedroza Castañeda, Colaboradores Arquitectura и Ileana Luna Peralta од проектантското биро P+0 Arquitectura од Монтереј, Мексико.
Бетонската конструкција ги помирува сложените односи со теренот, поддржува две камени „кутии“ кои се перфорирани за да се овозможи природно да се проветрува куќата и да се искористат спектакуларните погледи на планините и шумата.
Двете бетонски конструкции, обложени се со локален камен и функционираат независно. Овие два блока меѓусебно се поврзани со пролаз и линеарни скали. Овој распоред е условен од топографијата на теренот, двата кубуса се сместени на различни висини.
Камените и бетонските sидови јасно го разграничуваат срцето на проектот: надолжен двор што е насочен кон малата дабова шума во подножјето.
Едниот блок е наменет за дневни активности, додека другиот, повисоко поставениот е приватен со спални соби. Двата блока ги карактеризира слобода во ентериерот, каде акцентот е ставен на дрвениот кров кој се потпира на камените и бетонски ѕидови.
И покрај тоа што куќата ја катрактеризираат остри линии и строга геометриска форма, „Casa Bedolla“ од надвор потсетува на традиционалните зданија карактеристични за овој предел. Архитектите успешно го „камуфлирале“ современиот израз со помош на најтрадиционалниот од сите материјали – необработениот камен.
Куќата опкружена со шума е место кое е тивко и пријатно, додека од дворот, а особено од кровот-тераса се протега фантастичен поглед на целата долина. Просторот меѓу двата блока е наткриен со што е направено доволно место за паркирање возила.