Разиграните катови на куќата се направени така што прилично компактната и тесна фасада да изгледа многу архитектонска, но во исто време да не отскокнува од фасадите на соседните згради.
Архитектонската фирма Hehnpohl Architektur го потпишува проектот за куќата Buddenturm, лоцирана во историскиот центар на германскиот град Минстер. Нивната многу модерна зграда е дизајнирана максимално да ја следи силуетата на улицата и да се вклопи беспрекорно во постојната урбана структура, истовремено почитувајќи ја и локално утврдената архитектура.
Куќата е организирана на три нивоа, така што приземјето со својата предна страна ја следи градежната линија, додека горните две следат во спротивна насока, но на таков начин што тие не отскокнуваат во однос на фасадите на соседните згради.
Како и соседните згради, оваа куќа ја почитува и типологијата на историскиот кварт во кој е сместен и има три суптилни отвори на фасадата со поглед на улицата. Сепак, употребата на фасадни тули е заслужно што оваа зграда најдобро одговара на соседството.
Интересните бакарни панели го покриваат најголемиот отвор на приземјето, додека двата отвори на горните катови се малку потесни, а засенувањето во внатрешноста се постигнува со сечење на фасадата.
Внатрешноста на куќата ја следи надворешноста, така што ентериерот е дизајниран преку комбинација на модерна и сурова естетика. Тулите кои доминираат на фасадата, се заменуваат со дрво и бетон во внатрешноста. Оваа комбинација во исто време го прави ентериерот моќен, но топол простор за живеење.
Иако од улицата се видливи само три нивоа, всушност има уште едно скриено под падините на покривот, како и помал подрумски простор.
Покрај влезната површина од приземјето, има и гаража, повеќенаменска просторија и внатрешен двор.
На првиот кат има дневна соба, трпезарија со кујна и тераса, додека спалните соби и работниот простор се на последните две нивоа.