Инсталацијата „Крик“ на македонскиот уметник Ален Реџепагиќ ќе биде изложена на 30. издание на интернационалниот фестивал „Сараевска зима“, кој почна деновиве и ќе трае до 10 март. Фестивалот „Сараевска зима“ годинава се одржува под мотото „Мир, уметност и слобода“, а вклучува настани од ликовната уметност, поезијата, филмот, театарот. Почесен гостин е Грција, а специјален гостин е државата Кореја.
Скулптурата на Реџепагиќ е поставена во галеријата „Нови храм“ во Сараево, а скопската публика имаше можност да ја види пред три години во Отвореното графичко студио на Музејот на град Скопје.
„Авторот инсистира на социјалниот аспект, но композицијата на инсталацијата ги еманира и аспектите на колективното прогонство, на егзилот, на геноцидноста итн. Но сите овие аспекти се втемелени во отсуството на индивидуалната и колективната етичка димензија на одговорноста. Заробената толпа на Реџепагиќ ги рефлектира просторната и емотивната дистанца, индивидуалниот и колективниот херметизам, внатрешниот и надворешниот егзил и осаменост на човечкото битие, кое ги одразува срамната и темната страна на кој било антихуманистички општествен контекст“, напиша историчарката на уметност Конча Пирковска за делото.
Инсталацијата се состои од повеќе човечки тела сплотени во различна возрасна и родова толпа, како што вели Пирковска, молчаливи, потонати во себе, отсутни, покорни, резигнирани, изолирани, отуѓени од себе и од другите…