Насловна / Архитектура / Гигантски крвоносен сад во Њујорк

Гигантски крвоносен сад во Њујорк

Човекот отсекогаш сакал да допре до небото. Уште од Вавилонската кула, таа митска градба на која Бог им ги измешал јазиците на луѓето, човекот сонува како да стигне до духовните височини, или просто само, да изгради подобар поглед. Затоа и се градат облакодери, кои според конструкцијата, наскоро ќе надминат и 1.000 метри во височина, што е своевидeн архитектонскo-градежен рекорд.

vesel4

Но, првите форми, со кои човекот сакал да го допре Бог, или барем да биде поблиску до него, се скалилата. Постојат многу неуспешни митски градби за тие обиди, но во градежна смисла, она што е направена и пуштено во употреба во март годинава, претставува типичен доказ, не за приодот кон Господ, туку за најчудните градби на светот.

Vessel, или во превод „Сад“ е структура и обележје што е изграден како дел од Проектот за обнова на округот Хадсон на Менхетен во Њујорк. Изградбата почна во април 2017 година, а конструкцијата беше отворена на 15 март 2019 година. Дизајнер е британецот Томас Хитервик, кој за оваа структура слична на саќе од мед, вели дека во суштина, е гигантски приказ на крвоносен сад. Оваа градба која има 16 катови и се состои од околу 154 подиуми и над 2.500 скалила, е вистинско ремек-дело. Садот е главната карактеристика на големиот плоштад „Хадсон Јардс“ кој се протега на површина од пет хектари. Целиот проект, ќе чини рекордни 2.5 милијарди долари, и најчудно е што станува збор за приватна инвестиција, која ќе го разубави овој дел на Њујорк.

vesel10

Конкретно, конструкцијата „Сад“ (Vessel) е висока 46 метри, а ширината која почнува од десетина метри, на самиот врв изнесува околу 50 метри. Слично е и со бројот на скалилата, кои во основата се десетина, но како што нивоата се зголемуваат, така и бројот на скалилата се зголемува. Вкупната должина на скалите е над 1.6 километри, а внатре во структурата, исто така, има рампи и лифтови за луѓето со инвалидитет кои не можат да им пристапат на скалилата.

vesel13

Извршниот директор на компаниите поврзани со инвеститорот на Хадсон Јардс, кажал дека нејзината необична форма е со цел истата да ја направи структурата издвоена како превртена новогодишна елка. Главниот материјал од кој е направена конструкцијата е челик, обложен со бронза и цемент. На сите стојалишта, како и на скалилата, во исто време можат да стојат околу илјада луѓе, што е безбедносен лимит за оваа конструкција.

vesel2

Оваа џунгла од скалила, без оглед на тоа како се искачувате, и од каде, секогаш ве носи кон врвот, и секогаш имате прегледност каде се наоѓате. На највисоките скалила, погледот е феноменален, при што од едната страна се гледаат облакодерите на Њујорк, а од другата страна, реката Хадсон.

Иако трошоците за конструкција на оваа „скалеста“ конструкција беа лимитирани на 70, па скокнаа на 150, крајната сметка покажува инвестиција од вкупно 200 милиони долари.

„Сад“ е дизајниран заедно со јавниот плоштад „Хадсон јардс“, чиј идеен творец е  дизајнерот Томас Волц и во него ќе градат и екоелементи со над 28.000 растенија и 225 дрва. На југоисточниот влез на плоштадот, предвидена е конструкција и на голема фонтана.

Засега, конструкцијата носи име Vessel (Сад), но сопствениците сè уште бараат официјално име. Како што кажал дизајнерот, генералниот концепт на плоштадот, вклучува 16 облакодери, со што овој дел ќе стане најурбанизирана зона на Њујорк, па затоа сакал уникатна градба, која ќе служи како заштитен знак на проектот „Хадсон јардс“. Оние кои го посетиле овој гигантски крвоносен сад, велат дека немаат чувство дека му приоѓаат на Бога, како што се искачуваат кон врвот на саќето. Но, затоа пак имаат прекрасен поглед, а и поблиску се до височините на Менхетен, најпознатата бетонска џунгла.

vesel11

Испрати коментар

Scroll To Top