Во следните пет години, дури 12.000 ветерни турбини ќе бидат ставени вон погон. Затоа, Здружението WindEurope, Европскиот совет за хемиска индустрија (Cefic) и Европското здружение на композитната индустрија (EuCIA) со заедничка меѓусекторска платформа сакаат да го унапредат пристапот во рециклирањето. Само во 2018 година, благодарение на ветерот и 130.000 ветерни турнбини во Европската Унија, испорачани се 14% од потребите за електрична енергија, а тие бројки и натаму ќе растат.
Лопатките на ветерните турбини се составени од композитен материјал кој ја зголемува ефикасноста при користењето на енергијата на ветерот. Исто така, композитот е одговорен за производство на полесни и подолги лопатки.
Здружението WindEurope објави дека денес секторот за производство на енергија од ветерот користи 2,5 милиони тони композитни материјали. Затоа, решенијата во однос на рециклирањето се особено важни и за понатамошниот развој на оваа индустрија.