Насловна / Арт и дизајн / Нова визуелна и музичка сензација во Париз

Нова визуелна и музичка сензација во Париз

Во таканаречената XI област во Париз, од пред една година, е отворено „Ателје на светлината“ (Atelier des Lumières). Во поранешнa фабрика за железо, на повеќе од 3000 квaдратни метри се простира, можеби во моментов, најинспиративниот уметнички простор во француската метропола. Простор кој нуди поинаква артистичка сензација, користејќи нови дигитални медиуми, во осмислувањето на една поставка. Станува збор за „дигитални изложби“ кои се претставени како проекции на уметнички дела, во голема димензија, подвижни и проследени со музика. Колку што е скромен објектот однадвор, толку е раскошен и инспиративен однатре.

izlozba4

Влегувате внатре и имате чувство како да сте на концерт на класична музика, на филм, на нешто што подразбира нестатичност. Луѓето се седнати или легнати на под, загледани во монументалните слики на ѕидовите, кои постојано се менуваат во различни бои и димензии, слушајќи ги класичните звуци и одвреме – навреме, шепнувајќи по некој збор. Публиката е многубројна, но тивка, комплетно препуштена на визуелната и звуковна сензација. Интересно е што меѓу посетителите има и деца кои, како и возрасните, со полно внимание го следат уметничкото патување.

izlozba7

Во моментов тоа е изложбата посветена на еден од најголемите холандски уметници Винсент Ван Гог (1853-1890). Изложбата за овој гениј, кој не бил препознаен за време на својот живот и кој го трансформирал и силно влијаел на сликарството отворена е на 22  февруари и ќе трае до 31 декември 2019 година.

izlozba3

Овој нов визуелен пакет е во продукција на Culturespaces, а во режија на Џанфранко Јануци, Ренато Гато и Масимилијано Сикарди во музичката соработка со Лука Лонгобарди. Проектот е приказна за уметничкиот гениј, која го следи неговиот интензивен и ранлив живот, прикажувајќи над 2000 слики.  „Сончогледи“ (1888) и „Ѕвездена ноќ“ (1889)  и многу други познати и не толку познати дела се дел од изложбата. Тематски изложбата ги следи фазите на животот на уметникот и неговите престои во Neunen, Arles, Paris, Saint-Rémy-de-Provence и Auvers-sur-Oise. На крај, приказната на Ван Гог завршува со т.н. лебдечки свет на Јапонија,  со фантастичните јапонски слики, од кои тој бил фасциниран и кои биле негова постојана инспирација.

izlozba5

Извонредната изложба го поттикнува емоционалниот, хаотичен и поетски внатрешен свет на Ван Гог и ја истакнува постојаната интеракција на светлината и сенката. „Ателје на светлината“ ги истакнува експресивните и моќни ефекти на делата на холандскиот сликар. Посетителите имаат можност  да се транспортираат во срцето на неговите дела, од неговите рани до зрели години, и од неговите сончеви пејзажи и ноќи до неговите портрети и мртви животи.

izlozba1

„Ателјето на светлината“ е отворено на 13 април 2018 година со поставката „Густав Климт“, која беше видена од над милион посетители.

izlozba6

izlozba

izlozba2

Автор: Кате АНТЕВСКА (Специјално за Порта 3 од Париз)

Испрати коментар

Scroll To Top