Во последната деценија, како никогаш претходно, јавното мислење и социјалните платформи, посветуваат многу простор на еколошки теми, а следствено на тоа и на урбаното зеленило. Во Македонија, особено во Скопје и во другите поголеми (читај позагадени) градови, еколошките теми си имаат и сезонски аспект. Секоја зима, енормното загадување на воздухот кое трае со месеци, упорно нè потсетува дека нешто не правиме како што треба, кога чистиот воздух, тоа основно човеково право и потреба, упорно и упорно не достигнува до листата на приоритети. За жал, на врвот на таа листа постојано остануваат да се менуваат интересите на помали или поголеми „бизнис“ групации, било да се работи за градежниот сектор (читај мафија), индустриски капацитети (читај загадувачи), или трговците со половни возила, а за сметка на тоа вистинското справување со загадувачите и загадувањето на воздухот никако да дојде на ред. Но, за тие феномени на друго место и во друго време.
Кеј на Вардар – Скопје 2009 г.
Кеј на Вардар – Скопје 2017 г.
Овој напис е посветен на вредноста и на позитивните влијанија на зеленилото во градовите. Дали е навистина толку полезно, колку што се претставува во популарните медиуми, или колку што укажува невладиниот сектор и колку што читаме на социјалните медиуми, или пак се работи за неосновани тврдења, или можеби за лажни факти? Дали се работи за пуста желба на нас, очајните, дека зеленилото може да ни ги реши или барем да ги ублажи проблемите со кои се соочуваме во урбаното живеење, или пак зеленилото навистина има такви способности и моќи? Или пак, можеби, се работи дури и за другата крајност – зеленилото вреди многу повеќе отколку што знае или претпоставува јавноста и обичниот човек? Што вели науката и со какви податоци располага?
Заради полесно следење, податоците се претставени во неколку групи.
Сhongqing, Кина
Ублажување на загадувањето на воздухот
Урбаното зеленило многу често се посочува како ублажувач, односно мелиоратор, на загадувањето на воздухот. Во популарните медиуми најчесто неодредено, а во посериозните и постручни медиуми со повеќе детали, се наведува дека зеленилото е прочистувач на воздухот. Тука ќе наброиме неколку интересни научни факти, со кои се поткрепуваат таквите тврдења за влијанието на урбаното зеленило преку т.н. сува депозиција1 што се однесува до отстранување на воздушната прашина и честичките, односно преку апсорпција на гасови загадувачи преку стоминиот апарат на листовите1-3. На пример, од истражувања во Кина има податоци за отстранување на гасовите SO2и NO2, како и на честички од други загадувачи на воздухот од страна на урбаното зеленило, а ефектот е поизразен онаму каде што има поголема покриеност со дрвја и со зеленило1. Во Бангалор во Индија, нивоата на SO2 во воздухот биле намалени и до 65 % онаму каде има зеленило, во споредба со места во градот кои се без зеленило. Слично било и со ПM-честичките во воздухот – на делови од улиците без вегетација во 50 % случаи концентрацијата на таквите честички достигнувала речиси 2 пати над дозволените нивоа, додека на улиците со вегетација во околу 80 % од случаите нивоата на ПM-честички биле во рамките на дозволените4. Слични согледувања имало и во Тел Авив во однос на намалувањето на концентрацијата на одредени загадувачи на воздухот (NOx, CO и PM10), особено во парковите, а ефектот бил поизразен при повисоки нивоа на загадување5.
Час со двја без дрвја
Дури и бршленот (Hedera helix), кој е многу популарен вид во хортикултурата како ползавец, дејствува како „одвод за честички“ бидејќи има способност за нивна апсорпција, особено на места со висока фреквенција на сообраќај6. Во Беиџинг во Кина, пресметано е дека само во текот на 2002 г. урбаните дрвја во централното градско подрачје од воздухот отстраниле 1261 тони загадувачи, од што 772 тони ПM 10 честички7.
Веројатно најдобра слика за вредноста на зеленилото даваат истражувањата спроведени во Канада. Таму, преку компјутерски симулации базирани на реални податоци за 86 градови, се проценува дека урбаното зеленило отстранило 16.500 тони загадувачи од воздухот, само во текот на 2010 година, и се проценува дека заради тој ефект се избегнати 30 смртни случаи и околу 22.000 случаи на акутни респираторни симптоми2, кои би биле предизвикани доколку толкавото количество загадувачи останело во воздухот. Постојат уште неброено слични податоци, за чие набројување ни треба многу повеќе простор и време, но доволно е и само ова, затоа што барем за овој аспект на урбаното зеленило е доволно пишувано во нашите печатени и електронски медиуми, и на социјалните мрежи.
Зеленилото и феноменот на т.н. „урбани топлотни острови“
Еден од аспектите кој не е доволно потенциран во медиумите, а кој заслужува големо внимание, особено во Македонија, е позитивното влијание на зеленилото врз ублажување на екстремните температури. Луѓето ова го знаат инстиктивно и без да читаат за тоа, и не е случајно што во текот на летата реоните со зеленило имаат поголема посетеност отколку местата без зеленило, било во дневните или во вечерните часови. Едноставно кажано, под зеленило е секогаш посвежо и поиздржливо, додека на вжежените улици на моменти не се ни издржува доколку некое стебло не понуди засена. Но, колку навистина помага зеленилото, изразено во факти и цврсти бројки? Еве неколку примери кои ги ставаат нештата во поопиплив контекст. Во истражување спроведено во текот на летата во 2009 и 2010 година во Манчестер (напомнувам дека е во северна Англија), површинските температури на асфалтот биле и до 24 °C повисоки во споредба со површинските температури измерени на тревни површини, при еднакви други услови и во исто време. Исто така, температурите измерени на површините во сенки од дрвја биле пониски и до 19 °C, отколку на исти такви површини без дрвја. Ова влијание на температурите на површината има реперкусии и на амбиенталната температура, и во овој контекст сенките од дрвјата се уште позначајни во однос на тревните површини, намалувајќи ја температурата на воздухот и до 7 °C8. Во претходно спомнатото истражување во Бангалор е регистрирано дека на места со вегетација, амбиентните температури во попладневните часови биле пониски и за 6°C, а температурата на сообраќајниците и за 27°C споредено со површини без вегетација4.
Lurie garden, Millennium park, Чикаго
За жал, повисоките амбиентални температури имаат директно негативно влијание врз здравјето на луѓето, а постојат научни докази за најекстремниот аспект – високите температури во лето се поврзани со зголемена смртност на луѓето. Згора на тоа, овие негативни ефекти ќе доаѓаат до израз во годините кои следуваат не само во Скопје и во други градови во Северна Македонија, туку на глобално ниво, најмногу заради зголемување на урбанизацијата, односно заради зголемување на бројот и големината на површини во градовите кои стануваат т.н. „урбани топлотни острови“9. Овие топлотни острови се одликуваат со повисоки температури во однос на другите површини во градот, а најдобар показател за нив е недостатокот на зеленило. За различни аспекти поврзани со урбаните топлински острови се посветени голем број истражувања, и во голем дел од нив урбаното зеленило се наведува како битен, ако не и најважен фактор, за ублажување на екстремните температури10-12. Во Скопје постојат такви места, и за жал мерките за ублажување на овој ефект многу често, дури и кога би имало желба, решеност и финансиски можности нема да бидат можни. Ова е затоа што на многу места не само што е отстранета вегетацијата за сметка на градбите, туку се неповратно загубени површините на кои може да се инсталира урбано зеленило поради лошо проектирани и нехумани архитектурни и урбанистички решенија.
Зеленилото контра буката
Нешто за кое можеби и не сме свесни дека се смета за еден вид загадување е и буката, и тоа едно од четирите најважни во светот. Зеленилото и тука има своја позитивна или ублажувачка улога. Така, во Тел Авив е регистрирано фактичко намалување на буката за ∼5 dB од страна на парковско зеленило5, додека од страна на т.н. „вертикално зеленило“ (зелени ѕидови) буката може да се намали и до 8 %13, односно 1 dB бука од сообраќај или 2 dB т.н. „розова“ бука14. Многу интересно е истражувањето во кое се открива дека урбаното зеленило има и психолошки ефекти, односно со самото гледање на зеленилото се предизвикува намалување на негативното доживување на буката од страна на луѓето15. За психолошките ефекти на зеленилото врз луѓето нешто повеќе подолу низ текстот.
Активности во „урбана природа“
Постојат сè поголем број истражувања во кои се докажува дека контактот со природа има позитивно влијание врз луѓето и врз нивната психолошка состојба16. Парковите, урбаните шуми, тревниците, градините, па дури и зелените sидови кај луѓето предизвикуваат многу позитивни психолошки ефекти17 и овозможуваат зголемена физичка активност. Со самото тоа имаат голем позитивен ефект врз ублажувањето на стресовите на урбаното живеење, а со тоа и врз здравјето на луѓето. Достапноста до блиски зелени површини во градовите се смета за предност, онаму каде ги има, бидејќи може да послужат за подобрување на секојдневните рутини на луѓето, а истовремено се намалува долгорочната изложеност на градската врева16,18. Во истражување во Јапонија е докажано дека живеењето во области во кои има повеќе зелени површини погодни за пешачење, позитивно се одразува врз долговечноста на постарите граѓани, независно од возраста, полот, брачната состојба и на социоекономскиот статус19.
Letchworth garden city, Британија
Самовизуелизацијата носи психолошки/ментални ефекти, па и физиолошки ефекти
Како и со многу други работи, и зеленилото најчесто го „гледаме“ низ антропоцентричен аспект, па е почест терминот екосистемски услуги, небаре зеленилото нè услужува. Но овој начин на гледање уште повеќе треба да нè загрижи во контекст на нашиот однос кон зеленилото генерално, а кон урбаното особено, бидејќи дури и кога го гледаме од таа себична призма, сепак не се посветуваме доволно за да ги подобриме нештата.
Во 1984 г. бил предложен концептот „биофилија“20, според кој луѓето имаат внатрешна наклонетост кон растенијата и кон другите суштества, односно се емоционално поврзани со природата. Со оваа хипотеза може да се објасни зошто само и нешто толку едноставно како гледање природа, односно визуелниот контакт со растенијата (со зеленило и дрвја во урбан контекст) може да има толку длабоки влијанија врз човековите емоции, врз физиолошката, менталната и врз генералната благосостојба21. Оваа иста хипотеза веројатно го објаснува она за кое толку долго се дебатира – зошто урбаните средини, особено оние во кои недостасуваат елементи и аспекти на природа, имаат негативни влијанија врз човековата психа и благосостојба. На друга страна на спектарот, со терминот „недостаток на природа“, предложен од Louv во 2008 г. барем делумно се објаснува светската епидемија на дебелина, проблеми со вниманието, и депресија како директен резултат на намалена изложеност на децата кон природа21. Ова е во согласност со уште една теорија, наречена „теорија на закрепнување од стрес“ според која сцените од природа го намалуваат стресот, додека сцени во кои доминира средина со згради имаат негативен ефект при закрепнување од стрес22. Многубројни истражувања презентирале податоци кои се во согласност со овие хипотези. Така, луѓе кои набљудувале природни средини имале подобар напредок во расположението споредено со луѓе кои набљудувале средини со згради23, и исто така побрзо закрепнувале од намален капацитет на свесно внимание24. Значењето на погледот на природа за луѓето е докажано и преку истражување на постоперативно закрепнување на пациенти, во болничка средина. Пациентите кои имале поглед на дрвја од нивните соби побрзо закрепнувале, и ним им биле препишувани помали дози медикаменти против болка во споредба со пациентите кои имале поглед на ѕидови25. Сличен ефект бил постигнат дури и со „лажен“ поглед на природа. Имено, луѓе кои биле изложени на фотографии на природа, имале подобри когнитивни способности и емоционална состојба отколку кога биле изложени на фотографии од урбани средини без зеленило26,27. Слично на тоа, докажано е дека погледот на природа е директно поврзан со намалување на стапката на криминалитет и на агресијата28,29. Дури и толерантноста кон фрустрација била поголема кај возачи кои биле изложени на видеа со повеќе вегетација30. Овој феномен оди дотаму што дури и перцепцијата за непријатноста предизвикана од уличната бука по дома во многу се намалила само после гледање на природа низ прозорец, а ова особено било изразено кај повисоките нивоа на изложеност кон бука31.
Кingsway, 1950 г., Лондон
Кingsway, денес, Лондон
Според тоа, луѓето доживуваат позитивни влијанија од природата, не само кога се во природна средина или пак кога се активни во природа, туку и кога имаат поглед врз природа, ја набљудуваат или само ја забележуваат, дури и кога е низ прозорец додека се во затворен простор. Визуелните стимулации предизвикани од урбаното зеленило и од дрвјата предизвикуваат мноштво позитивни ментални, психолошки и физиолошки реакции кај луѓето, и на крајот на краиштата го подобруваат квалитетот на животот и на здравјето на луѓето во урбаните средини.
ЗА КРАЈ
Кога за вредноста на зеленилото ќе се потсетиме и преку погорепретставените податоци, има ли повеќе потреба да се коментира за тоа колку зло е нанесено на луѓето низ минатите децении, преку злото нанесено на зеленилото, не само во Скопје, туку и во сите поголеми градови кај нас? Оттаму, кратко и јасно мора да се апелира, па и да се грмне до надлежните и до послушниците – СЕКОЕ СТЕБЛО И СЕКОЈ КВАДРАТЕН МЕТАР ЗЕЛЕНИЛО ИМА НЕПРОЦЕНЛИВА ВРЕДНОСТ ВО УРБАНИТЕ СРЕДИНИ! Засадувањето нови млади садници, не е единственото решение со кое треба да се испере одговорноста, туку соодветно (потенцирам СООДВЕТНО) негување и заштита на сите постоечки стебла и зеленило, и внесување зеленило на сите површини кои во моментов не се ниту зелени ниту се градби. А такви во Скопје и во другите градови на Северна Македонија сè уште има многу, за наша среќа!
Автор: д-р Кирил СОТИРОВСКИ, редовен професор
(декан на Шумарски факултет при УКИМ, Скопје)
Референци
1 Jim, C. Y. & Chen, W. Y. Assessing the ecosystem service of air pollutant removal by urban trees in Guangzhou (China). Journal of Environmental Management 88, 665-676, doi:https://doi.org/10.1016/j.jenvman.2007.3.035 (2008).
2 Nowak, D. J., Hirabayashi, S., Doyle, M., McGovern, M. & Pasher, J. Air pollution removal by urban forests in Canada and its effect on air quality and human health. Urban Forestry & Urban Greening 29, 40-48, doi:https://doi.org/10.1016/j.ufug.2017.10.019 (2018).
3 Nowak, D. J., Crane, D. E. & Stevens, J. C. Air pollution removal by urban trees and shrubs in the United States. Urban Forestry & Urban Greening 4, 115-123, doi:https://doi.org/10.1016/j.ufug.2006.1.007 (2006).
4 Vailshery, L. S., Jaganmohan, M. & Nagendra, H. Effect of street trees on microclimate and air pollution in a tropical city. Urban Forestry & Urban Greening 12, 408-415, doi:https://doi.org/10.1016/j.ufug.2013.3.002 (2013).
5 Cohen, P., Potchter, O. & Schnell, I. The impact of an urban park on air pollution and noise levels in the Mediterranean city of Tel-Aviv, Israel. Environmental Pollution 195, 73-83, doi:https://doi.org/10.1016/j.envpol.2014.8.015 (2014).
6 Sternberg, T., Viles, H., Cathersides, A. & Edwards, M. Dust particulate absorption by ivy (Hedera helix L) on historic walls in urban environments. Science of The Total Environment 409, 162-168, doi:https://doi.org/10.1016/j.scitotenv.2010.09.022 (2010).
7 Yang, J., McBride, J., Zhou, J. & Sun, Z. The urban forest in Beijing and its role in air pollution reduction. Urban forestry & urban greening 3, 65-78 (2005).
8 Armson, D., Stringer, P. & Ennos, A. R. The effect of tree shade and grass on surface and globe temperatures in an urban area. Urban Forestry & Urban Greening 11, 245-255, doi:https://doi.org/10.1016/j.ufug.2012.5.002 (2012).
9 Burkart, K. et al. The effect of atmospheric thermal conditions and urban thermal pollution on all-cause and cardiovascular mortality in Bangladesh. Environmental Pollution 159, 2035-2043, doi:https://doi.org/10.1016/j.envpol.2011.2.005 (2011).
10 Klemm, W., Heusinkveld, B. G., Lenzholzer, S. & van Hove, B. Street greenery and its physical and psychological impact on thermal comfort. Landscape and Urban Planning 138, 87-98, doi:https://doi.org/10.1016/j.landurbplan.2015.2.009 (2015).
11 de Abreu-Harbich, L. V., Labaki, L. C. & Matzarakis, A. Effect of tree planting design and tree species on human thermal comfort in the tropics. Landscape and Urban Planning 138, 99-109, doi:https://doi.org/10.1016/j.landurbplan.2015.2.008 (2015).
12 Susca, T., Gaffin, S. R. & Dell’Osso, G. R. Positive effects of vegetation: Urban heat island and green roofs. Environmental Pollution 159, 2119-2126, doi:https://doi.org/10.1016/j.envpol.2011.3.007 (2011).
13 Fernández-Bregón, N., Urrestarazu, M. & Valera, D. Effects of a vertical greenery system on selected thermal and sound mitigation parameters for indoor building walls. J Food Agric Environ 10, 1025-1027 (2012).
14 Pérez, G. et al. Acoustic insulation capacity of Vertical Greenery Systems for buildings. Applied Acoustics 110, 218-226, doi:https://doi.org/10.1016/j.apacoust.2016.3.040 (2016).
15 Dzhambov, A. & Dimitrova, D. Urban green spaces’ effectiveness as a psychological buffer for the negative health impact of noise pollution: A systematic review. Noise and Health 16, 157-165, doi:10.4103/1463-1741.134916 (2014).
16 Gidlöf-Gunnarsson, A. & Öhrström, E. Noise and well-being in urban residential environments: The potential role of perceived availability to nearby green areas. Landscape and Urban Planning 83, 115-126, doi:https://doi.org/10.1016/j.landurbplan.2007.3.003 (2007).
17 Taylor, M. S., Wheeler, B. W., White, M. P., Economou, T. & Osborne, N. J. Research note: Urban street tree density and antidepressant prescription rates—A cross-sectional study in London, UK. Landscape and Urban Planning 136, 174-179, doi:https://doi.org/10.1016/j.landurbplan.2014.12.005 (2015).
18 van den Berg, A. E., Maas, J., Verheij, R. A. & Groenewegen, P. P. Green space as a buffer between stressful life events and health. Social Science & Medicine 70, 1203-1210, doi:https://doi.org/10.1016/j.socscimed.2010.1.002 (2010).
19 Takano, T., Nakamura, K. & Watanabe, M. Urban residential environments and senior citizens’ longevity in megacity areas: the importance of walkable green spaces. Journal of Epidemiology and Community Health 56, 913, doi:10.1136/jech.56.12.913 (2002).
20 Kellert, S. R. & Wilson, E. O. The biophilia hypothesis. (Island Press, 1995).
21 Grinde, B. & Patil, G. Biophilia: does visual contact with nature impact on health and well-being? International journal of environmental research and public health 6, 2332-2343 (2009).
22 Ulrich, R. S. Natural versus urban scenes: Some psychophysiological effects. Environment and behavior 13, 523-556 (1981).
23 Van den Berg, A. E., Koole, S. L. & Van der Wulp, N. Y. Environmental preference and restoration:(How) are they related? Journal of environmental psychology 23, 135-146 (2003).
24 Laumann, K., Gärling, T. & Stormark, K. M. Selective attention and heart rate responses to natural and urban environments. Journal of environmental psychology 23, 125-134 (2003).
25 Ulrich, R. S. View through a window may influence recovery from surgery. Science 224, 420-421 (1984).
26 Hartmann, P. & Apaolaza-Ibáñez, V. Beyond savanna: An evolutionary and environmental psychology approach to behavioral effects of nature scenery in green advertising. Journal of Environmental Psychology 30, 119-128, doi:https://doi.org/10.1016/j.jenvp.2009.10.001 (2010).
27 Ulrich, R. S. et al. Stress recovery during exposure to natural and urban environments. Journal of Environmental Psychology 11, 201-230, doi:https://doi.org/10.1016/S0272-4944(05)80184-7 (1991).
28 Kuo, F. E. & Sullivan, W. C. Aggression and violence in the inner city: Effects of environment via mental fatigue. Environment and behavior 33, 543-571 (2001).
29 Kuo, F. E. & Sullivan, W. C. Environment and crime in the inner city: Does vegetation reduce crime? Environment and behavior 33, 343-367 (2001).
30 Cackowski, J. M. & Nasar, J. L. The restorative effects of roadside vegetation: Implications for automobile driver anger and frustration. Environment and behavior 35, 736-751 (2003).
31 Van Renterghem, T. Towards explaining the positive effect of vegetation on the perception of environmental noise. Urban Forestry & Urban Greening 40, 133-144, doi:https://doi.org/10.1016/j.ufug.2018.3.007 (2019).