Италијанскиот остров „Монтекристо“ е едно од најмистериозните места во Европа. Се наоѓа во Тиренското море, има површина од само 10 квадратни километри, а годишно можат да го посетат само илјада луѓе кои претходно ќе добијат посебна дозвола. За добивање на дозвола постојат листи на чекање, а се чека и по три години. Единствено научниците имаат предност при добивањето на дозвола.
Островот се прославил благодарение на славниот писател Александар Дима, кој во својот култен роман „Грофот Монте Кристо“, ги сместил легендите за скриеното богатство на пиратите, а денес на островот се наоѓа природен резерват. Гласините за скриено богатство потекнуваат уште од 13-тиот век, кога манастирот кој е изграден на островот почнал да стекнува големо богатство. Всушност, манастирот се богател од донациите на благородничките семејства, но сепак легендите за богатството живеат и денес. Денес островот не е населен, а од 1971 година тој е во сопственост на државата, и е дел од Националниот парк „Тоскански острови“. Островот е прогласен за биолошки резерват, има ботаничка градина и музеј. Дополнително, покрај макотрпната постапка за да се посети островот, мора да се почитуваат бројните ограничувања. Не е дозволено да се преноќува, додека капењето е забрането во појас од еден километар од брегот. Бродовите не смеат да пријдат поблиску од 4,8 километри од брегот, и риболовот е целосно забранет.