Енергетската транзиција полека напредува и во регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), паралелно со намалувањето на трошоците за инвестирање во фотоволтаични и ветерни електрани. Не е многу далеку моментот кога производството на електрична енергија од обновливи извори ќе стане поефтино од производството од фосилни горива, а регионот мора да ја искористи оваа шанса. Ова е меѓу другото истакнато на регионалната работилница „Бенефитите од обновливите извори на енергија: Може ли ЈИЕ да го оствари полниот потенцијал на енергетската транзиција?“, во организација на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија (IRENA) и Министерството за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, одржан минатата недела во Сараево.
Југоисточна Европа никогаш не била на чело на енергетската транзиција, ниту пак во целост го користела својот потенцијал од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Владите во регионот досега не ги перцепирале ОИЕ како можност, туку само како обврска која ја наметнуваат ЕУ и Енергетската заедница.
Носителите на одлуки ширум регионот често истакнуваат дека „технологиите на ОИЕ се многу скапи и дека е тешко да се балансира електричната енергија произведена на ваков начин“. Поради недостаток на полиичка волја и визија за одржлив енергетски развој, регионот заостанува зад глобалниот тренд на што поширока примена на одржливи енергетски решенија.
На регионалната работилница во Сараево и саемот ENERGA, претставени се прелиминарните податоци на студијата која IRENA ќе ја објави подоцна во текот ан годинава. Оваа студија зборува за позитивното и охрабрувачко влијание врз економската мапа на регионот, под услов регионот поодлучно да се сврти кон ОИЕ.
За разлика од вообичаеното сценарио за развој (со фосилни горива), енергетската транзиција со полно користење на капацитетите за ОИЕ би требало да доведе до отворање на 50.000 нови работни места во ЈИЕ до 2050 година, како и раст на БДП за околу 500 милијарди долари.