Компанијата GWS Living Art веќе вообичаената практика за озеленување на покривите и ѕидовите на градежните објекти, ја пренесува и на покривите од автобусите. Во мај 2019 година GWS Living Art постави 10 зелени покриви на автобусите од јавниот превоз во Сингапур. Се очекува, со овој потег да се добијат исти еколошки бенефити како и кај објектите со градини – ладење на амбиентот и намалување на штетните емисии на гасови. Проектот под името „Градини во движење“ ќе трае три месеци, а се спроведува токму со цел да се провери дали ќе с едобијат истите еколошки бенефити како кај градежните објекти, како што првично се очекува.
Истражувачкиот тим се надева дека проектот ќе покаже дека градовите можат да ги користат билките во борбата против климатските промени и да ја ублажат појавата на топли урбани острови. Според сознанијата на метеоролозите, Сингапур во последните 25 години ги бележи 10те најтопли години во историјата на мерење на температурите. Затоа, Сингапур се фокусира на иницијативи кои ќе придонесат кон подобрување на климата, зачувување на биодиверзитетот, и тежнее да стане град – градина.