Резултатите од земените мостри покажуваат загрижувачки бројки за количините на тешки метали во почвата во скопско, поточно во селото Стајковци. Испитувањата на зелка, морков и целер, земени од селото Стајковци, а кои се направени во референтна лиценцирана лабораторија во Велес, покажале дека арсенот е застапен меѓу 12-16 пати повеќе од дозволеното и тоа во целерот.
Ненад Коциќ од „Вила Зора“ од Велес објаснува дека испитувањата се направени врз основа на препораките на експертите за она што најмногу има сомневање олово, кадмиум и арсен.
“Морам да кажам дека првите два елементи, олово и кадмиум, не се над максимално дозволените граници и нивното присуство во почвата и во растенијата се во прифатливи граници, додека пак концентрациите на арсенот во почвата се загрижувачки со евидентиран 1,5 пат над дозволеното и за жал многу големо присуство на арсенот во одередени испитувани растенија. Мострите се земени од земјоделци во скопскиот регион. Заклучокот од Тетово, Кавадарци и Скопје се повторува дека навистина Македонија има проблем во индустриските подрачја со загаденоста на почвата со тешки метали, дека одредени земјоделски производи се навистина токсични по здравјето на луѓето и дека е крајно време да се преземат конкретни мерки во смисла на намалување на загадувањето на почвата а со тоа создавање на услови за присуството на здрава храна“, вели Коциќ.
Тој објаснува дека претежно се загрозени растенијата со помали корења кои се хранат од површинскиот слој, а загадувањето е најголемо во овие горни површини на почвата. Оние кои се раноградинарски растенија се тие кои најчесто се најмногу загадени, во овој случај тоа е целерот. Сепак ова е само за оние испитувања кои ние ги правевме, додава Коциќ.
Според него присуството на арсенот во почвата е од загадувањето на воздухот, значи како што со помош на ветрот загадениот воздух се пренесува насекаде така паѓа на почвата, со дождовите потоа навлегува подлабоко и подлабоко и настанува за жал она загадување на производите кои ги консумираме. Коциќ вели дека спречувањето може да се прави единствено со намалување на загадувањето, меѓутоа веќе во состојба кога имаме присуство на тешки метали потребно е да се направи деконтаминација на почвата. Има повеќе начини, но она што ние го препорачуваме е фиторемедијација, кога може да се врши замена на почвата со друга почва која е здрава.
Според професорката Татјана Миткова од Факултетот з замјоделски науки и храна загрижувачки е фактот дека како минуваат годините се повеќе се намалува плодната почва и многу малку се прави за деконтаминација на истата покажуваат статистиките направени во 2016 та година.
“Со некои недобри работи кои ги направија во Министерството за земјоделство, поточно во Законот за земјоделство дозволија најплодна почва да се пренаменува во градежно земјиште. Тоа е навистина жално“, вели Миткова.
Она што на нашата земја и недостасува, според Миткова е Закон за максимално дозволени концентрации на тешки метали во почвата и тоа да биде закон кој навистина ќе се почитува. “Почвата е сериозен ресурс, тоа е комплициран медиум, кој е многу тешко да се исчисти од тешките метали“, вели Миткова.
Токсичната храна има далекусежно штетни последици по човековото здравје и затоа е потребна деконтаминација на почвата, содавање услови за производство на здрава храна, пласман на земјоделските производи на домашниот и странскиот пазар и секако подобрување на социјалниот и економскиот статус на земјоделците.
Kade može da se najde ovoj materijal i kolku košta?