Во недостиг на големи инвестиции и јавни објекти (ако ги изземеме објектите од „Скопје 2014“, а должност ни е), да се занимаваш кај нас со проектирање главно значи да се работи на комерцијални станбени згради. Оваа работа е многу потешка и покомплицирана отколку што изгледа на прв поглед. Не поради задачата и предизвиците со кои се судираат проектантите и кои се нормален и составен дел од работата, а и најубав дел. Станува збор за условите во кои се работат проектите, парите кои се наплатуваат за проектите (за оваа тема е многу говорено, но сè уште ништо не е направено), нелојалната конкуренција во вид на проектанти тезгароши и пензионери хонорарци и секако урбанистичките услови.
Да се работи проект за станбена зграда кај нас во услови на хиперпродукција на потпросечна станбена архитектура и неквалитетна функција на станови значи секако да се задоволи инвеститорот, но исто така и сопствениците на локациите кои добиваат процент од изградената површина и не можам да избегнам, а пак да не повторам урбанистичките услови. Овие два последни услова се најкомплицирани. Зошто?
Првиот, затоа што сопствениците на локациите, декларирани заштитувачи на јавниот простор во нивното маало, кога се во позиција на нивната локација да се гради објект се претвораат во сè спротивно на она за кое се декларираат. Тогаш веќе јавниот простор не е важен, изграденоста исто така, важно е само да се добие поголема станбена површина, и со еден потег да се реши станбеното прашање на три генерации однапред, па така најчеста желба им е да добијат што повеќе станови, помали, но со повеќе соби. Ваква раситнета и уценета станбена структура водена исклучиво од лични интереси создава проблеми и на останатата структура на станови во објектот во поглед на функционалноста и водењето на инсталациите.
Вториот, затоа што урбанизмот е изработен по диктат на инвеститорите во корелација со општините од „невини“ планери кои изработуваат „добронамерен“ урбанизам кој го изеде градот. Во изводите од детален урбанистички план во зададените параметри се вели „паркирањето треба да се обезбеди во рамки на сопствената парцела како основен услов за реализација на максималната дозволена висина и вкупно изградена површина“. Ова укажува дека урбанистите или не знаат да планираат или свесно планираат знаејќи дека не можат да се задоволат условите за паркирање, но важно „сукцесивно го зголемиле стеченото право по основ на сопственост на земјиште“, а во меѓувреме планот го одобрил ресорното министерство и понатаму не им е гајле. Исто така во секој извод од ДУП во зададената максимална бруто-развиена површина не се земени предвид еркерите, што значи ни вкупната изградена површина никој до крај не ја знае, но рака на срце дадени се услови колкави можат еркерите да бидат. Едноставно се поставува прашањето зошто служи урбанизмот ако не ги предвидел и испланирал можностите на локацијата, површината за градење, реалните можности за паркирање, инфраструктурата, влијанието на изграденото на севкупниот развој како на тој дел така и пошироко на градот?
Ова се накратко условите во кои се работат проектите и во кои се проектирани двете станбени згради во иста општина и за ист инвеститор, кој покажа почитување кон проектантите и архитектурата по проект на архитектите Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, Ненад Раѓеновиќ и Боро Гаџовски. Направен е максимален обид во сложени услови да се создаде архитектура која ќе произведе функционални станови со различна структура и современо обликување.
Зграда на улица „Никола Тримпаре“
Зградата на улица „Никола Тримпаре“ е во населбата Буњаковец во која сè уште се бара стан повеќе. Објектот е со висина од пет ката и поткровје и димензија на површината за градење 10.2 (!?) на 16.1 метар, локацијата е слободна од трите страни, а четвртата страна е залепена до соседот. Вкупната бруто-изградена површина е 1.400 квадратни метри, а вкупната станбена површина е 1.010 квадрати и 100 квадратни метри локали на приземјето. Скалишното јадро е околу лифтовското окно со цел да заземе што помал простор во тесната локација, поставено на источната страна која е залепена со соседот. Становите се распределени по катовите и се со различна структура. На првите два ката се сместени три стана од кои еден двособен, една гарсониера и еден трособен, а останатите нивоа се по два стана на кат.
Најголем предизвик беше во ваква тесна локација да се решат станови со различна структура, а воедно да се функционални и да се постават по вертикала санитарните инсталации. Сите станови се со соодветни квадратури и димензии на просторите и овозможуваат удобно и функционално живеење на станарите. На катовите се испуштени еркери со соодветно дозволените урбанистички услови со должина од 120 сантиметри. Со испуштање на еркери добиена е поширока површина во која се решавани становите. Во наведените услови е мошне тешко да се постигне архитектонско обликување на објектот со првостепена пластика, па така проектирањето на фасадата беше посебен предизвик.
Еркерите ја следат паралелно димензијата на локацијата, како и кружниот дел поставен над аголот на улицата и пресечен со две тераси со што е формиран четврт круг, не со идеја да доминира на објектот, па затоа е малку повлечен во однос на терасите. Едната тераса со својата должина му конкурира на кружниот дел со цел да го смири. Прозорските отвори се со различна димензија и по ширина и по висина, не ја следат вертикалата, различно се распоредени, но сепак во ритам кој се повторува преку еден кат. Фасадата е обложена со термоизолациони облоги со различна дебелина за да се добие пластика, а на одредени сегменти поставени се дрвени облоги на потконструкција и термичка исполна. Колоритот на фасадата е темен, во различни сиви тонови. Гредите и плочите на балконите се во бела боја, нагласуваат хоризонтала за да се добие визуелен впечаток на поголема пластика на објектот.
Зграда на улица „Иван Милутиновиќ“
Објектот на улицата „Иван Милутиновиќ“ во истата населба е на малку покомотна локација со површина за градење 13.1 на 17.5 метри, слободна од две страни, другите две се залепени со соседи и висина – четири ката и поткровје. Вкупната бруто-изградена површина е 1.640 квадратни метри, а вкупната станбена површина е 1.145 квадрати и 100 квадратни метри локал на приземјето. Скалишното јадро е поставено во средината на објектот, на приземјето е сместен локал и стан за инвалидизирани лица, останатите станови се распоредени по горните нивоа. На првиот и вториот кат проектирани се четири двособни стана, на трети, четврти кат и поткровје сместени се по три стана од кои еден двособен, еден трособен и еден четворособен.
Бањите и кујните се групирани и поставени на страните кои граничат со соседите. Терасите се поставени централно на основата со што се формираат два симетрични кубуса пресечени со отвор во средината каде се формирани терасите за секој стан на кои може да се излегува од секоја соба. Објектот е правоаголник кој е нагласен во сите елементи и на основата и на фасадата. Всушност тоа се три правоаголника, симетрични, еден празен во средината на објектот кој ја дели масата на два еднакви полни правоагплни кубуси. Прозорските отвори се широки и високи со цел да ја разбијат полната маса.
Правоаголниот отвор на фасадата каде се терасите е врамен и обложен со дрво, поделен по висина со хоризонтални бетонски плочи на четири еднакви правоаголника поставени по должина на отворот. Полните маси на објектот се ѕидани со фасадна цигла во браон нијанса. На влезот се поставени жардиниери за цвеќе, а тој е нагласен со настрешница од челични мрежести елементи во жолта боја.
Во споменатата наша стварност, условена од сите страни, практично не постои голема слобода во архитектонското обликување. Тешко се проектира архитектура која воедно ќе биде и функционална и современа, а ќе ги задоволи сите, па и неархитектонските барања. Во овие услови на урбанистички параметри и борба за што повеќе квадрати и профит е скоро невозможно да се создадат објекти кои ќе имаат првостепена пластика. Патот да се стигне до архитектурата е баран пред сè во функционалноста на становите, потоа преку второстепена и третостепена пластика, како и изборот на материјалите и боите кои ќе придонесат да се формира современ и урбан изглед. Во овие услови како архитекти мораме да најдеме проектантски начин кој ќе биде одговор на она што урбанизмот, општините и инвеститорите му го направија на градот. Но како што е тешко да се направи добра архитектура без добар урбанизам, исто така е потребно да се има и добар инвеститор кој умее да почитува проектанти и архитектура.