Во индустриската палата, изложбениот простор каде се одржува Прашкото Квадриенале за перформанс дизајн и простор (6-16 јуни 2019 година), денес е отворен павилјонот на Република Северна Македонија кој е насловен „Оваа зграда зборува (на)вистина“.
Автор на павилјонот е Филип Јовановски, кураторка е Ивана Васева, а комесар е Фросина Зафировска, директорка на Музеј на град Скопје, институција носител на проектот.
Павилјонот се состои од просторна инсталација со перформативен дел со актерката Кристина Леловац, која е дел од „Изложбата на земји и региони“и се изведува секој ден од 13 часот, кратко видео насловено „Кино Култура“ кое е дел од архитектонската изложба на простори за изведувачки уметности и двојазична публикација.
Отворањето ќе биде одбележано со перформативниот настап со актерката Кристина Леловац во рамки на просторната инсталација а потоа ќе следува промоција на публикацијата со перформативен настап на Телемама.
Публикацијата за овој проект, уредена од Ивана Васева и Филип Јовановски, претставува зборник од текстови на неколку истакнати автори од областа на визуелните уметности, перформансот, театарот, архитектурата и културните политики, како Биљана Тануровска Ќулавковски, Борис Бакал, Оливер Фрљиќ, Ана Виленица, кураторски текст на Ивана Васева, осврт на сите активности од иницијатвата „Кога зградите би зборувале“ на Филип Јовановски, интервју со Кристина Леловац, текст за архитектурата на Железничка зграда од Томе Димитриевски како и анкета со жителите на Железничка зграда спроведена од организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“ во соработка со Симона Димковска, Марија Гелмановска и Јана Кастратовиќ.
Павилјонот на Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале насловен „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се перформира во размер 1:100 како едно кондензирано искуство од минати активности, како архива од повеќе времиња кои би требало и во живо да ни кажат: Ако успееме овде, можеме да успееме секаде! А токму тоа е и дизајнот на перформативната агонистичка заедница.
Проектот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.