Во општина Кисела Вода започнаа градежните работи за реконструкција на сообраќајната сигнализација и патна опрема, осветлувањето и изградбата на пешачка патека во село Батинци.
Се работи за патниот правец од раскрсница пред населба Драчево кон Марков Манастир пред влезот во село Батинци.
На отпочнувањето со градежните работи присуствуваа директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски, како и градоначалниците на Скопје Коце Трајановски, на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ и градоначалникот на општина Студеничани Азем Садику.
Инвестицијата за овој зафат ќе изнесува 30 милиони денари, кои се обезбедени од Владата на Република Македонија преку заемот од Светска банка, а рокот за изработка е четири месеци.
„Ќе има поставување на тротоарска површина и осветлување во должина од 2.200 метри низ населеното место Батинци, а во должина од 10 километри ќе започнеме и со менување на комплетната сигнализација“, истакна директорот на ЈП државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Тротоарот ќе биде со просечна ширина од 1,30 метри и ќе бидат поставени 79 канделабри. За сигнализација на сообраќајницата ќе бидат поставени 176 знаци, 345 насочници, ограда во должина од 2.480 метри, обележување на коловозот со средна линија од 3.760 метри квадратни и обележување на пешачките премини во населеното место Батинци.
Според Садику, „овој пат претставуваше голем ризик затоа што се движат многу деца а нема пешачка патека. Со проектот се предвидува и осветлување на тротоарот со што ќе се реши уште еден проблем за нашата општина“.