Ова веројатно е единствено интервју во кое на прашања на бивш ќе одговара актуелен директор и тоа на производна фирма. Впрочем делиме иста историја на Адинг…
Да навистина редок пример поранешен генерален директор на Адинг (1990-1994) сега после 25 години во улога на новинар, веројатно полесна работа од претходната, да прави интервју и поставува „прави и тешки“ прашања на сегашниот генерален директор на Адинг.
Оваа година е 50-годишнината на Адинг. ГОЛЕМ. ГОЛЕМ јубилеј. Веројатно силно чувство на гордост за опстојувањето низ сите премрежиња кои нè следат сите овие години…
50 години се навистина голем јубилеј за една компанија. За Адинг тоа се години постоење во две столетија 20 и 21 век. Гордо го одбележуваме јубилејот, денешните Адинговци, а се надевам и сите оние кои веќе не се во Адинг се гордеат што работеле и дале свој придонес во растежот на компанијата.
Јас ја имам привилегијата да бидам на чело на компанијата за еден таков јубилеј, а моето чувство, емоции и гордост се посебни и поради тоа што во 50-тите адингови години ги поминувам 40-те години во него од приправник – инженер до сегашната најодговорна функција – генерален директор и претседател на Управниот одбор која ја извршувам 13-14 години.
Во некои времиња од бившата држава, ги паметиме големите фирми и проекти на кои работеа, во Советскиот Сојуз, ДДР, Блискиот Исток. Северна Африка… а на кои и нашиот Адинг беше и тоа како присутен како „состојка на секоја градба“ и реално меѓу најголемите фирми во својата бранша, во Југоисточна Европа. Тоа е убавата историја на југословенското и македонското градежништво. Каде е денес Адинг?
Во старата држава и до нејзиното распаѓање Адинг беше дел од големата југословенска приказна кога градежништвото го достигна својот врв во едни други односи во Европа и светот, а по распаѓањето на југословенската држава и паѓањето на Берлинскиот ѕид многу работи се променија.
Независноста на Македонија и нејзиниот транзиционен пат го минуваа многу македонски фирми и многу малку успешно ја поминаа трансформацијата. Една од нив беше и Адинг која успеа да ја преброди и успешно да се трансформира меѓу првите пет фирми во Македонија со откуп на фирмата од своите вработени по тогашната законска регулатива која важеше за сите. За нас тоа беше правична приватизација која ни даде еднакви шанси на сите вработени да станеме сопственици. Доказ за тоа е дека Адинг и денес е акционерска компанија со повеќе од 300 акционери во која нема доминантен сопственик, без ниедна регистрирана неправилност или прекршувања на законските правила. Адинг, котира на Македонската берза на хартии од вредност и неговата вредност ја диктира пазарната економија, која за жал сè уште во Македонија боледува од затвореност на малиот македонски пазар и многу бавно оди кон реалниот европски и светски пазар.
Беа тоа времиња во кои Адинг се гордееше со продавање на памет и технички решенија на градежни проблеми, преку примената на производите од својата програма. Денес секако тоа не е баш така.
Секоја компанија го троши и има своето време и бреме. Можни се споредувања во делот на целта која ја има компанијата, но начинот како да се стигне до неа е димензионално различен. Во ерата на информатичката технологија начинот на продавање памет и технички решенија е сосема различен како во изработката така и во презентацијата. Комуникацијата по електронски пат го промени и го направи неспоредлив начинот на техничкиот пласман на производите спрема потенцијалниот купувач. Остана ист само сè уште личниот потенцијал како и порано, да си чекор пред силната конкуренција и да го придобиеш инвеститорот како на Балканот така и пошироко.
Колку успевате светските технолошки новини да ги внесете во производните линии и секако во начинот на институтските истражувања и контрола на квалитетот на производството. Колку е присутна иновативноста во изборот на нови производи, нови технологии и сл.?
Без тоа не може да се одржиш на пазарот. За тоа е потребно многу знаење и вложување во него. Тоа го правиме со инвестирање во инженерскиот кадар и следење на сè што се случува на европско и светско ниво со што успеваме да се носиме со конкуренцијата имајќи ги сите потребни елементи за успешен настап на домашниот и странскиот пазар, а тоа се европски квалитет со сите потребни сертификати. Асортиманот на производната програма постојано е подложен на промена со подобрување на постоечките производи и нови производи. Тоа секако мора да го следи и надградба на постоечките технолошки линии кои овозможуваат производството способно да гарантира деклариран квалитет што е најголемата предност на пазарот.
Многу одамна во склоп на Адинг функционира и фирмата Инвест А која се занимава со изведување на позиции во кои се применуваат материјали од производната и трговската листа на производи кои ја имате…
Како дел од ДС Адинг се и нашите продажни центри БЦ-А, Инвест А и Биро Проект кои ја надополнуваат нашата понуда на градежниот домашен пазар и пошироко со специјализирани услуги и и производи.
Инвест А успешно работи на специјални позиции во градбата на нови и стари градежни објекти на позиции – санација, хидроизолации, инјектирање, дилатации и одредени завршни работи со производи од програмата на Адинг, но и од програмата на БЦ-А која застапува странски бренд производи кои ја надополнуваат производната палета на Адинг со што ДС Адинг се појавува како најквалитетен понудувач на градежниот пазар.
Со можностите што ги нуди и нашата најмлада фирма ќерка Биро Проект – проектирање, хортикултура, проценки и маркетинг-услуги навистина ДС Адинг е една од малкуте специјализирани фирми која со овие можности е важен дел од сегментот градежништво во Македонија и пошироко.
Адинг инвестираше во производни погони и вон границите на Северна Македонија. Дали реално тоа беа профитабилни или промашени инвестиции?
Ретки се примерите на фирми во нашата земја, кои се обиделе со сопствен погон или фабрика во земја од регионот или пак подалеку. Сакајќи да ги искористиме предностите на тоа што Бугарија во 2007 стана членка на ЕУ, ние во 2009 отворивме фабрика во Перник, за да оттаму го покриваме нивниот пазар, но и да извезуваме во Романија и во ЕУ, како и полесен транспортен пристап до азиските земји. Веќе 10 години таа наша фабрика функционира успешно, и ја исполнува нашата стратешка цел. Заедничко вложување со ирански партнери имавме и во Техеран, Иран во производни погони, како Адинг Шими Парс, но поради политичката несигурност и санкциите под кои се најде оваа земја, сме во фаза на повлекување. Секако имаше обид за истото и во соседна Србија во периодот 2009/10 година, но по првичната инвестиција во земјиште, ја почувствувавме светската економска криза и тоа беше пресудно да се откажеме од оваа идеја која засега е во мирување.
Денес на домашен пазар, Адинг има силна конкуренција од странски фирми. Колку е таа конкуренција нормална или државата не умее да ги брани своите фирми, како што се случува кога ние се бориме на странските пазари?
Со отворањето на поголемите инвестициони проекти на домашен пазар, дојде и голема конкуренција од странски фирми што е нормално и Адинг тоа најдобро го знае бидејќи и ние во другите земји сме странска фирма.
Но државата има една основна обврска да ја регулира и санкционира нелојалната конкуренција од тие странски фирми со почитување на елементарните работи кои мора да ги има странската фирма – да ги обезбеди сите потребни сертификати, да ги верификува, да ги преведе на македонски јазик кај нашите институции. Тоа често не се прави што им го поевтинува и олеснува пласманот на домашниот пазар. Во земјите каде Адинг е присутен ние мораме тоа да го почитуваме што и тоа како ги зголемува финансиските трошоци на компанијата.
Државата често се фали со субвенционирање на некои производни гранки од стратешки интерес (или најчесто социјален). Дали има сигнал дека тоа може да се случи со фирми кои се пред сè извозно ориентирани?
Мораме да ја пофалиме Владата дека Адинг минатата година прв пат во своето постоење доби финансиски грант од 25.000 евра за поттик на компаниите. Се надеваме дека тоа ќе продолжи и понатаму.
Банките кај нас се најпрофитабилни фирми. Дали сегашните кредитни услови станаа конечно реално подносливи за производните фирми пред сè?
Секако, каматите драстично паднаа што ни овозможи наше поевтино финансирање на производството и секако давање подобри услови за плаќање на купувачите. Адинг е бонитетна фирма и имаме полесен пристап до финансиските кредити со очекување дека каматите и понатаму ќе паѓаат.
Какво е нивото на техничкиот кадар во денешниот состав на Адинг. Или уште подиректно. Адинг пред 30-40 години и сега. Што е тоа што го имаше таа тогашна генерација, а сегашната го нема и обратно?
Ние сме горда инженерска компанија со 40 отсто од вработените како инженерски кадар, градежници, архитекти, технолози, хемичари и останати профили. Денешните генерации на Адинг, имаат одлична основа, имаат одличен интерен трансфер на знаење и „know how“ од претходните генерации, и лично сметам дека заради ова се во поголема предност од првите генерации. Тука се и новите технологии кои го олеснуваат функционирањето, но ова е следено и од глобализацијата, динамичноста на пазарите и конкуренцијата, што повторно ја прави тешка нивната улога. Она што особено нè радува, е дека ентузијазмот остана, а посветеноста на нашата мисија е секојдневно присутна. Ако се присетиме на почетоците и историјата од првата декада на компанијата, па понатаму во осумдесеттите, ќе видиме дека било и беше извонредно тешко за првите Адинговци. Но како и тогаш и денес, невозможно и недостижно во работењето за нас не постои, тоа е одлика која е впишана во нашиот код. Тука ги изедначувам генерациите на Адинг, а ние повозрасните научивме дека тоа е една од најважните работи.
Каде го гледате Адинг во блиска иднина? Има ли интерес и контакти за влегување во состав на некој европски бренд од областа во која фунционирате?
Очекувам Адинг и во наредните години да биде стабилна и успешна компанија. Капитално поврзување со европски бренд од нашата бранша секако е можно, но тоа се прави и е можно кога не само компанијата туку и државата ќе биде стабилна и успешна, а се надевам дека и тоа ќе се случи.
Дали сегашната помлада генерација има капацитет и ќе успее да го продолжи и зајакне брендот на Адинг? Тука пред сè мислам на раководење на фирмата на сите нивоа во технолошко – производни и комерцијални сектори.
Сегашната генерација која веќе ги раководи сите најважни сегменти од работењето на компанијата се помлади од 50-те години на Адинг. Тоа е гаранција што може успешно да го продолжи напредокот на Адинг и јас сум убеден дека тоа е можно и сопствениците акционери на Адинг треба да веруваат дека е така.
Дворот на Адинг блика од убавина. Тоа е директно врзано со Вашата желба за убавина на просторот… Каде се гледа и чувствува општествената одговорност на фирмата за вработените и воопшто за општеството во кое живееме?
Два пати сме добитници за наградата за најдобро уреден фабрички двор на Град Скопје, а лично сметам дека просториите, но и пошироката околина во која работиме, треба да се пред сè достоинствени, но и стимулирачки, за да имаме успешно поминат осумчасовен работен ден. Понатаму, не помалку важна е грижата кон вработените, следење на нивните потреби, почитување и остварување на правата преку колективните договори и секаков друг вид на поддршка, кој компанијата го пружа на своите вработени во најразлични околности. Тука е и поширокиот контекст во која делуваме, а како 100 % домашна компанија ние сме стратешки определени за одговорен однос кон општеството. Тоа се најразлични проекти за општото добро, хуманитарни акции, помош на загрозени групи, поддршка за научно-истражувачките институции, факултети, училишта, донации за културно-историски споменици, цркви, културно-уметнички манифестации итн. Доколку успеав да набројам барем приближно, би заклучил дека ова е една филозофија која е втемелена од многу поодамна во компанијата и се негува и пренесува на новите генерации. Кога заедницата ова го препознава и го вреднува, за што сведочат бројните награди и признанија, секако дека нè прави задоволни и нè исполнува.
Адинг е од основањето на Порта 3 најголем спонзор. Реално дали тоа носи бенефит во маркетиншкото промовирање иако мислам дека недоволно ја користите таа можност и дали ќе продолжи така веќе 15- годишната соработка? Порта 3 оваа година слави 15 години од основањето, што исто така е редок јубилеј за едно вакво списание.
Веројатно нашите генерации, но и дел по нив, а блиски до нашата фела, се сеќаваат на „АДИНГ Информатор“, еден вид на гласило и прозорец кон градежништвото во светот, издавано од Адинг во раните 90-ти. Место кое служеше како медиум за пренос на искуствата, сознанијата и новитетите од далечните пазари, пренесени од „патниците по светот“. Веројатно Порта 3 го препознаваме како проект кој е некакво продолжение на претходното и неопходен за споделување на овие искуства. Порта 3 по изминати 15 години, е исклучително репрезентативен медиум кој третира три клучни области за општеството. Во него гледаме наш стратешки партнер во можноста градежништвото да има свое место каде ќе се третира струката и канал за комуникација кон една потесна, но за нас многу значајна целна група. Секако дека оваа соработка е на долг рок и посакувам да си честитаме уште многу јубилеи.
Ја добивте престижната награда за животно дело во средна и југоисточна Европа “Креатори на столетието “. Големо признание за Вас и секако за 50 гододини историја на Адинг…
Наградата е доделена од страна на меѓународниот економски форум „Перспектива“ со седиште во Хрватска, во конкуренција на повеќе од 400 компании, организации и лица од 8 земји од регионот на Средна и Југоисточна Европа. Ова дојде по претходна номинација за наградата за животно дело „Создавачи на столетието“ за личен придонес во развојот на претприемништвото во овој регион, а како претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Адинг“. Комитетот што ја доделува оваа награда е составен од еминентни професорски имиња и стопанственици од целиот регион и со оглед на номинациите немаше лесна работа. По речиси 40 изминати години личен и професионален ангажман, ова признание секако е од големо значење, како за мене така и за компанијата.
Редакцијата на Порта 3 од сè срце ви го честита јубилејот со желби за натамошен раст и успех во работењето.
Ви благодарам на искрената честитка и исто ја користам приликата од сите Адинговци да ви го честитам 15-годишниот јубилеј и да ви посакам уште многу години да опстојувате во вашата мисија, Порта 3 да биде списание поттикнувач и промотор на трите гранки: градежништво, архитектура и екологија во што ја имате нашата поддршка.