На вчерашната редовна 137. седница Владата го утврди Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и донесе одлука тој да биде доставен на усвојување во Собранието.
Во предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион се имплементирани обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура и се создаваат формално-правни предуслови преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности што негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот Регион, како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржлив развој.
Во согласност со предлог-законот планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион ќе се донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
До донесување на планот привремено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување бесправно изградени објекти и привремено се прекинуваат постапките за изработување и донесување урбанистички планови, урбанистичко-плански и урбанистичко-проектни документации, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко-плански и урбанистичко-проектни документации. Овие активности ќе продолжат по донесувањето на планот за управување со природното и културното наследство.