Во рамки на осмото издание на фестивалот за развој на креативни индустрии Скопје Креатива 2019, што годинава се реализира под мотото Зелено Скопје, предавање ќе одржи италијанскиот архитект Никола Руси.
Пред посетителите, Никола Руси ќе го претстави проектот – „Климатските агенти“ што се однесува на регенерација на два напуштени железнички дворови на северната и јужна периферија на Милано.
Едниот е зелен – долга линеарна шума на Скало Фарини со способност да ги разладува и прочистува топлите ветришта што доаѓаат од југозападот; а другиот е син – долг линеарен систем за прочистување на водата во Сан Кристофоро. Во овој нов систем на вредности, јавниот простор – вклучително и водата, зеленилото и мостовите – е фиксен, а зградите се остаточни и несигурни.
Никола Руси е основач на „Лабораторио перманенте“, вонреден професор по архитектура и урбана композиција на Политехничкиот факултет во Торино од 2016 година, како и член на Извршниот одбор на АНЦСА, Националното здружение на историски и уметнички центри.
Примарните полиња на истражување му се насочени кон областите на урбаниот дизајн и архитектура, по пат на изнаоѓање стратегии за регенерација и контекстуален дизајн. Неговите неодамнешни меѓународни активности ја вклучуваат и првата награда на натпреварот „Конкорсо Фарини“ (2019), учеството на 14-тата и 16-тата Архитектонска изложба на Венециското биенале, Почесно признание за Златниот медал за италијанска архитектура (2012) и за истражувањето спроведено со Кралскиот архитектонски институт на Ирска за проектирањето на историскиот центар во Даблин (2011). Од 2008 до 2009 година бил проектен консултант при Канцеларијата за технички урбанизам на општина Милано за новиот урбанистички план на градот.
Скопје Креатива 2019 ќе започне на 31 мај и низ тридневна програма ќе се реализира до 02 јуни во МКЦ и Кино Култура.
Покрај програмата за дизајн, музичката програма, филмската и програмата за деца, во оваа прилика посебно ви ја претставуваме програмата за архитектура – што си поставува за цел, низ своите програмски сегменти, да го прoмисли терминот екологија низ призма на денешните околности и да прикаже креативни решенија за поквалитетен соживот во градот.