Поимот „паметен град“ меѓу останатото значи дигитално управување со сообраќајот и комуналните сервиси, како што с еосветлувањето, греењето и водоснабдувањето, со цел ефикасно управување со ресурсите, намалување на загадувањето, зголемување на проточноста во сообраќајот, и како последица на сето тоа, подобрување на квалитетот на живот во урбаната средина.
На оваа тема минатата недела во Белград е одржана регионалната конференција Smart City SEE19, со главна порака дека животот во урбаните средини бара и веќе минува во трансформација кон концептот на паметни градови. „Концептот на паметен град (Smart City) е дел од новите решенија кои во регионот треба да бидат регулирани низ усвојување на нови закони и политики, а дел од концептот е и е-мобилноста, која треба да се напојува со обновливи извори, а не енергија произведена од фосилни горива“, беа најчести коментари на панелите. На панелот Smart Mobility претставени се и два примери на добра практика од регионот – Љубљана и Бања Лука. Не изостана и потсетување за проектот „Зелена Балканика“, кој би требало да овозможи мобилност на електричните возила долж 2.000 километри долгиот автопат од Минхен, преку Салцбург, Љубљана, Белград, Скопје, Тирана, Подгорица, Дубровник, Сплит и Задар, до Копер.