Во Галеријата „Чифте амам“ утре ќе биде отворена изложба „Османлиските културни белези во Македонија“, организирана од Турскиот културен центар „Јунус Емре“ од Скопје и Завод и Музеј – Битола.
Автор на изложбата е Даниела Николова. Таа ќе претстави експонати со декоративни елементи, направени меѓу 16 и 19 век во Македонија, карактеристични и раскошни флорални мотиви и геометриски орнаменти кои се поврзуваат со исламската уметност во времето кога се создавани.
„Од богатиот спектар на влијанија на различни култури во Македонија, се издвојува влијанието на османлиската култура и уметност, кои имаат значајна улога низ вековите наназад, претставувајќи неразделен дел од заедничкото културно наследство… Духот на едно минато време, збогатено со културни и уметнички влијанија од турско-османскиот период е видлив и во градителските и занаетчиските традиции во Македонија“, соопштија организаторите.