Со цел да се акцентира урбаното зеленило како неопходен услов за здрав и квалитетен живот во градовите и населените места, екологистите дебатираа на тема „Како да го зазелениме урбанизмот“. На конференцијата која се одржа во организација на НВО „Зелен институт“ од Скопје и Демократска обнова на Македонија – ДОМ, а со поддршка на Bureau de Helling од Холандија, беа истакнати сите проблеми со кои се соочуваат екологистите при планирањето на зазеленувањето. Исто така, на конференцијата се дискутираше и за степенот на имплементација на Законот за урбано зеленило, што е донесен во јануари 2018 година, со одредби за најмалку 20 отсто зеленило на градежна парцела. Главен акцент беше ставен на прашањата: какво место има и какво треба да има зеленилото во процесот на урбанистичко планирање, колку се применува Законот за зеленило со новите одредби, каде лежат пречките за Законот и како да се обезбеди негова поефикасна примена, а со тоа и хуманизирање на просторот.
„Ни недостигаат зелени мали џепчиња, ни недостигаат игралишта за деца, ни недостига каде да ги ставиме контејнерите, ни недостига по некое дрво“ рече Дивна Пенчиќ, професор на Архитектонскиот факултет.
Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, на настанот го промовираше Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, нагласувајќи го неговото значење за успешна примена на овој Закон.
Во рамки на деталните урбанистички планови, ќе се работи и на основни планови за урбано зеленило, со што ќе се обезбеди да биде реализирано сè она што е зацртано во стратегијата.
На конференцијата се дискутираше за искуствата од ревизијата на ДУП-овите во општина Центар и третманот на урбаното зеленило, за улогата на граѓанските контроли во одбрана на зеленилото, како и за тоа во каков простор сакаме да живееме.
Сите засегнати се надеваат дека Законот ќе почне да функционира онака како што треба и ќе гарантира 25 метри квадратни зеленило на жител, и 20 отсто зеленило на градежна парцела.