Насловна / Вести / Жалба до Енергетската заедница поради договорот за термоцентралата Kosova e Re

Жалба до Енергетската заедница поради договорот за термоцентралата Kosova e Re

Косовските и меѓународните невладини организации, поднеле официјална жалба во рамките на механизмот за решавање на спорови на Енергетската заедница, во врска со законитоста на договорот за откуп на електрична енергија (Power Purchase Agreement), за проектот за изградба на термоцентралата Kosova e Re (Ново Косово),  кој во моментот чека ратификација во Косовскиот парламент.

Жалбата е поднесена од страна на организациите Balkan Green Foundation, GAP Institute, Group for Legal and Political Studies, INDEP и CEE Bankwatch Network. Инаку, и Секретаријатот на Енергетската заедница соопшти дека повеќе елементи во договорот претставуваат недозволена државна помош. Во 2015 година, косовската влада на тендер ја избра американската компанија ContourGlobal за инвеститор во ТЕ Kosova e Re со инсталирана моќност од 500 MW.

kosova e Re4

Во жалбата на невладините организации се наведува дека договорот за купување на електрична енергија, потпишан од страна на косовската влада и компанијата ContourGlobal во декември 2017 година, со времетраење од 20 години, не ги почитува правилата на Договорот за основање на Енергетската заедница за државна помош, бидејќи и нуди на американската компанија низа погодности кои и овозможуваат предност во однос на другите производители на електрична енергија.

Како што наведува Bankwatch, договорот, исто така, создава огромен товар за буџетот на Косово и потрошувачите на електрична енергија во земјата, бидејќи гарантира дека државната компанија оператор на електроенергетската мрежа ќе ја откупи целата количина на произведена електѕрична енергија од ContourGlobal по цена од 80 EUR/MWh – што е многу повеќе од актуелните цени на електричната енергија во регионот.

kosova e Re5

Освен тоа, државата се обврзува да плаќа и надомест на име на расположивост на капацитетот дури и за периодите кога тој нема да работи, како и такси по принципот „земи или остави“, а земјиштето за изградба на електраната го отстапува по цена од 10 евра.

Висар Аземи од организацијата Balkan Green Foundation, вели дека цената од 80 EUR/MWh е доволно лоша одлука, но со сите други дополнителни бенефиции, изгледа дека никој не знае колку навистина ќе ги чини даночните обврзници овој проект.

„Да се каже дека Косовската влада направила ужасна грешка, би била преблага оценка“ вели Пипа Галоп од мрежата CEE Bankwatch. Таа вели дека без оглед на мотивот на официјално Косово за потпишување на овој апсурден договор, косовските парламентарци, јавноста и меѓународните институции не смеат да дозволат негова ратификација, токму во функција на заштита на граѓаните односно потрошувачите.

Агрон Деми, од Институтот Gap, вели дека прв приоритет би требало да биде намалувањето на големите загуби на електрична енергија во дистрибутивната мрежа (технички и комерцијални), бидејќи на тој начин се губи дури една третина од произведената електрична енергија.

Kosova e Re2

 

Испрати коментар

Scroll To Top