Дизајнот на изложбениот салон и канцелариските простории за јапонскиот бренд SISII, дело на студиото Yuko Nagayama & Associates, е конципиран како единство од три активности: средба со клиенти, разгледување на производи и работни активности. Организирани во единствен простор, намените меѓусебно се диференцирани така што работните простори и собите за состаноци се со различен степен на денивелација, издлабени од основната површина за циркулација – изложбенaта патека.
Специфичен детаљ во ентериерното уредување се површинските перфорации исполнети со зеленило, од кои надвиснуваат метални конструкции на кои се поставени продажните продукти. Заживувајќи го придушениот, минималистички колорит, зеленилото истовремено ја отсликува и реинтерпретира атмосферата на непосредното планинско опкружување.