Струга – Со пуштање во употреба на малата хидроелектричнацентрала „Белица 1“ денеска во струшкото село Вишни беше заокружен проектот заизградба на пет мали хидроелектрани во регионот на Охрид и Струга по пат најавно-приватно партнерство меѓу меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“ идомашниот инвеститор – компанијата „Фероинвест“.
За изградбата на петте мали електрани – Белица 1, Белица 2, Охрид 1, Охрид 2 и Охрид 3 со вкупна инсталирана моќност од 3 мегавати „Фероинвест“ во изминатите 18 месеци инвестираше 7,3 милиони евра од кои дел се обезбедени преку рефинансирање од страна на Шпаркасе банката. За потребите на хидроелектраните изградени се два цевководи со вкупна должина од 15 километри од кои 12 километри во струшкиот регион и три километри во охридскиот. Обврската на „Проаква“ во проектот е регулирање на имотно-правните односи а според договорот во следните 40 години ќе добива по 31 отсто од остварената добивка од работењето на хидроелектраните во Охрид и 18 отсто од добивката на хидроелектраните во Струга.
– Во струшкиот дел има две електрани Белица 1 и Белица 2 кои ќе произведуваат по 5 гигавати електрична енергија или вкупно 10 милијарди киловатчасови електрична енергија, а електраните во охрискиот дел 4 милијарди киловатчасови електрична енергија. Овие пет електрани се први во Македонија кои се изградени согласно најновата законска регулатива за енергетиката и први што се градат по принципот на јавно-приватно партнерство на транспарента меѓународна постапка и поддржан со проектно финасирање од банките, рече Кочо Анѓушев, генералниот директор на „Фероинвест“, нагласувајќи дека сите пeт хидроелектрани се веќе пуштени во употреба.
Тој посочи дека Фероинвест ќе гради уште девет мали хидроелектрани од кои две самостојно и седум во партнерство со „Гранит“ кои се добиени на тендерот за изградба на 400 мали хидроцентрали спроведен од Министерството за економија. Првите две од нив, како што кажа треба да бидат готови до средината на идната година, а останатите до крајот на 2012 година.
Директорот на „Проаква“ Бранислав Трпчески рече дека примарна цел на меѓуопштинското претпријатие е да се обезбеди здрава вода за пиење за двата града и затоа главна грижа им било да не се влоши квалитетот на водата во цевководите. Тоа, како што кажа е постигнато со вградување најквалитетни материјали во цевководите и турбините кои придонеле водата да не загуби ништо од квалитетот.
– Со цевководите кои ги зафаќаат водите на реките Белица и Летница се добиваат по дополнителни 400 литри вода во секунда во Струшко и 300 литри во секунда во Охридско што е доволно за задоволување на потребите со квалитетна вода за пиење за двата града вон туристичката сезона. Дополнителна придобивка со јавно-приватното партнерство е што меѓуопштинското претпријатие воопшто нема трошоци за електрична енергија, рече Трпчески.
Петте нови хидроелектрани годишно ќе пласираат по 14.000 мегават часови електрична енергија што е доволно да се задоволат годишните потреби на еден помал град во Македонија. (МИА)